Линкови за пристапност

Клапер го осуди протекувањето на информации за владините програми за набљудување


Медиумските извештаи наведуваат на погрешни заклучоци и ќе биде потешко да се спречат заканите по националната безбедност, тврди директорот на американското национално разузнавање.

Првиот човек на американското разузнавање го критикуваше протекувањето на тајни документи што фрлија светло на начинот на кој владата собира информации за телефонските разговори и користењето на Интеренет.

Директорот на националното разузнавање Џејмс Клапер кажа дека неодобреното обелоденување на програмата е за осуда и дека ќе им отежни на САД да ги спречат заканите по националната безбедност.

Несекојдневната изјава на Клапер, издадена доцна синоќа, уследи откако британскиот весник Гардијан објави дека американската Национална агенција за безбедност (НСА) собирала телефонски податоци за милиони Американци.

Гардијан подоцна, исто како и Вашингтон пост, јави и за одвоена тајна програма што наводно им дава на НСА и на Федералното истражно биро (ФБИ) директен пристап до серверите на девет главни Интернет-компании во САД.

Клапер тврди дека медиумските извештаи наведуваат на погрешни заклучоци, како и дека се неточни и опасни. Тој инсистира дека преку телефонското набљудување, владата нема можност да ги прислушкува разговорите, туку само да собира информации, како на пример кој телефонски број е повикан или колкава била должината на повикот.

Според Клапер, програмата за набљудување на Интернет, наводно наречена „ПРИЗМА“, е создадена така за да не може намерно да се користи против американските државјани или другите кои живеат во САД.

Програмите наидоа на остра критика на дел од членовите на Конгресот и организациите за граѓански слободи кои се противат на широките овластувања за набљудување што Конгресот и` ги даде на Владата по терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва година.
XS
SM
MD
LG