Линкови за пристапност

Сириската опозиција се согласи на преговори


Сириската национална коалиција ќе преговара ако владата во Дамаск дозволи пристап на хуманитарни работници

Главната опозициона коалиција во Сирија која има поддршка од Западот вели дека ќе учествува на мировните разговори со владата од Дамаск ако се исполнат одредени предуслови, вклучувајќи овозможување на хуманитарните екипи да имаат пристап до погодените региони.

Сириската национална коалиција ја објави одлуката по дводневните разговори во Истанбул.

Американскиот државен секретар Џон Кери ја поздрави најавата и истакна дека учеството на групата ќе биде „голем чекор напред“.

Групата сака владата да гарантира формирање хуманитарни коридори, ослободување на притворените лица, како и мировните преговори да резултираат со политичка транзиција во Сирија.

Опозиционите членови долго време бараа претседателот Башар ал-Асад да не учествува во транзиционата влада, за која, пак, САД и Русија сакаат двете страни да се договорат на мировните разговори во Женева.

Нема датум за предложената конференција, која неколкупати беше одложувана поради неможноста на американски, руски и дипломати од ОН да ги натераат двете страни да ги усогласат ставовите за да седнат на преговарачка маса.
XS
SM
MD
LG