Линкови за пристапност

Силвана Колачковска: Строга казна, опаѓање на слободата на медиумите во Македонија


Интервју: Силвана Колачковска, Фридом хаус
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

Интервју: Силвана Колачковска, Фридом хаус

Директорката на проектот Нации во транзиција на организацијата Фридом хаус коментира на случајот Кежаровски во интервјуто за Гласот на Америка. Вели, Владата ги регулира прекумерно медиумите, а тие самите доволно не се регулираат

Силвана Колачковска во име на Фридом хаус ги наведува причините за загриженост поради случајот Кежаровски: „Прво и основно - оваа мошне строга казна, и второ - контекстот на поширокиот тренд на опаѓање на слободата на медиумите во регионот и во Македонија, што ги забележуваме последниве неколку години“.

Запрашана да коментира на реакцијата на судот - дека Кежаровски бил целосно свесен за законот, и дека со откривање на идентитетот на заштитените сведоци практично наштетил на јавниот интерес - Колачковска наведува дека, лично, смета дека е грешка да се открие идентитетот, од аспект - како тоа може да го компромитира исходот на случајот. Но, додава дека кога станува збор за новинарството и јавниот интерес, како и правната терминологија која ги комбинира тие две нешта, може да се западне во мошне опасна област на пререгулираност.

Ставот на Фридом хаус отсекогаш бил дека е подобро да има помало регулирање на медиумите од страна на владата
Силвана Колачковска
„Ставот на Фридом хаус отсекогаш бил дека е подобро да има помало регулирање на медиумите од страна на владата“, вели Колачковска.

Согласна е со другите меѓународни реакции дека строгоста на казната испраќа порака што го надминува самиот случај и вели дека, гледано генерално: „Медиумската средина во Македонија воопшто загрижува, неријателската клима. Дури и со декриминализацијата на клеветата - имаше паралелна промена со која сега се пропишани мошне високи казни во граѓански парници за клеветење - сето ова сугерира дека новинарите треба да внимаваат. Ваква порака новинарите примаат веќе неколку години“.

Случајот, според Кочаковска, е показател за тренд во Македонија, регистриран во извештаите на нејзината организација: „Македонија последниве неколку години бележи пад во годишниот преглед на слободата на печатот и во извештајот „Нации во транзиција“, за прашањата поврзани со владеењето на правото и слободата на медиумите. Не знам дали ќе видите севкупно опаѓање оваа година, но ова посекако сугерира продолжување на трендот. Не предвидувам подобрување“.

Какви препораки, врз основа на случајот Кежаровски, има Фридом хаус за Македонија?

Како прво, Колачковска наведува: „Мислам дека би започнале со тоа да се разговара за парични наместо затворски казни, за прекршоци поврзани со медиумите“.

Прекумерната регулатива е наредната работа, смета претставничката на Фридом хаус: “Би ја поттикнала владата да биде внимателна да не ги регулира прекумерно медиумите, да не создава впечаток дека презема чекори какви што видовме во Унгарија, да командува со медиумите“.

Таа има забелешки и за слабата саморегулација на медиумите во Македонија: „Би ги повикала македонските медиуми да го земат ова при срце, дека нивните обиди за саморегулација не се ефикасни поради тоа што се поделени, не работат заедно, поради тоа што има натпревар на различни политички и деловни интереси кои ги поддржуваат медиумите. Ако го остават овој вакуум, тоа е навистина еден вакуум на нивната моќ, што создава можност за владини интервенции, што, пак, во крајна линија е деструктивно“.
XS
SM
MD
LG