Линкови за пристапност

Испорачувањето на Сноуден би можело да биде комплицирано


Иако засега нема кривична пријава, процесот на негово испорачување од Хонг Конг во САД нема да биде лесен

Стручњаците сметаат дека евентуалниот обид да се испорача Едвард Сноуден од Хонг Конг, лицето кое тврди дека е изворот на медиумските извештаи дека американската влада набљудувала телефонски податоци и Интернет-активност, би можел да биде долг и компликуван процес.

САД и Хонг Конг потпишаа Спогодба за екстрадиција во 1996-та, непосредно пред Британија да ја предаде на Кина контролата врз територијата. Со договорот, обете страни се согласија да ги предаваат бегалците. Иако Хонг Конг и натаму е полуавтономна кинеска територија, Пекинг може да стави вето на некоја екстрадиција доколку смета дека враќањето на осомниченото лице во странска земја може да влијае врз „суштинскиот јавен интерес или политика“.

Едвард Сноуден, кој вели дека работел како договорен соработник во Агенцијата за национална безбедност во САД, вели дека дал информации за владините програми затоа што бил се` позагрижен за обемот на следењето на податоци. Тој заминал за Хонг Конг и отседнал во хотел, од каде вчера побарал од двата весници на кои им ги доставил информациите, британскиот Гардијан и американскиот Вашингтон пост, да го откријат неговиот идентитет.

Сноуден за Гардијан изјавил дека заминал за Хонг Конг затоа што таму „има моќна традиција на слободен говор“.

Владата на Хонг Конг најави дека ќе се води од своите закони и дека не може да коментира за поединечни случаи. Американските власти наведуваат дека се наоѓаат во првична фаза на истрагата за протекувањето на информации и дека официјално не е поднесена кривична пријава.
XS
SM
MD
LG