Линкови за пристапност

Зошто е важна дипломатијата на промовирањето на човековите права во ЕУ?


Специјалниот пратеник на ЕУ Ставрос Ламбринидис говореше на оваа тема во Центарот Вудроу Вилсон

Унијата е поaвторитетна, покохезивна и поефикасна ако има добро досие за состојбата на оваа тема, според Ставрос Ламбринидис специјалниот пратеник на ЕУ за човековите права.

Нема перфектна земја во светот што апсолутно ги почитува човековите права, подвлече Ламбринидис во Центарот Вудроу Вилсон и додаде дека сите имаат предизвици на оваа тема. Но, како да се унапредат правата? Вели, за време на посетите во разни делови од светот, од Кина - до Русија, ја промовирал основната идеја за еднаквост на половите, што, според него, е сржта на сите понатамошни права.

Дискриминацијата поради верска определба мора да запре и да стане минато на 21-от век, порача поранешниот шеф на грчката дипломатија.

Како главни предизвици во ЕУ денес тој ги дефинира запирањето на насилството врз жените и предрасудите за сексуалната определба.

На наше прашање како ја оценува состојбата со човековите права во Македонија, и, згора на тоа, како го коментира минатогодишниот извештај на Стејт департментот дека грчката влада не признава постоење на словенски дијалект наречен македонски од оние кои го зборуваат, иако мал број од нив се идентификуваат како Македонци, Ламбриндис рече: „Како што реков и порано, некои имаат конкретни прашања за секоја европска земја. Тоа треба да се почитува, ако сте загрижени за тие прашања. Јас нема да коментирам од очигледни причини, и исто така затоа што, како што реков, не е моја работа да коментирам на тие нешта. Но, може да претпоставите дека не се согласувам со вашите наводи и анализи. Јас инсистирам, а тоа го кажав и во излагањето, дека секоја европска земја мора да разгледа различни предизвици од областа на човековите права, во и надвор од Унијата“.

Еврокомесарот го заврши настанот во Вашингтон со новото мото на ЕУ - да не се вперува прстот, туку да се подаде рака.
XS
SM
MD
LG