Линкови за пристапност

Извештај на Стејт департментот за човековите права


Македонската влада се меша во судството и медиумите, гони политички противници, тврди официјален Вашингтон.

2011-та била „бурна и значајна“ за оние чии човекови права беа загрозени и за сите кои се обидоа да обезбедат владите да ги почитуваат правата, рече американската државна секретарка Хилари Клинтон на објавувањето на редовниот годишен извештај на Стејт департментот на оваа тема. Таа го потенцираше фактот дека милиони луѓе ширум светот кренале глас за почитување на човековите права, од револуциите на Арапската пролет на Блискиот исток, па се` до Бурма, каде дојде до историски политички реформи.

Во делот за Македонија стои дека „најважен проблем е неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото, што се одразува во нејзиното мешање во судството и медиумите, во селективното судско гонење на политичките противници на државниот врв, како и во значителното ниво на владина корупција и неказнивоста на полицијата“.

Стејт департментот како област за која постои голема загриженост ги нотира и меѓуетничките односи, меѓу Македонците и Албанците, како и дискриминацијата против Ромите и други етнички и верски малцинства.

Извештајот наведува и проблеми во однос на човековите права поради лошите затворски услови, домашното насилство и дискриминацијата против жените и лицата со посебни потреби. Има и општествени предрасуди кон лезбијките, мажите-хомосекуслаци, бисексуалците и трансродовите лица, кои, според американската влада, се на удар дури и во медиумите.

Стејт департментот информира и дека владата во Скопје презела одфедени чекори за казнување на полицајците виновни за прекумерна употреба на сила, но сепак потенцира дека неказнивоста на полицијата и натаму е проблем.

Во годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права ширум светот, како „особено тешка“ се карактеризира ситуацијата во неколку држави: Иран, Северна Кореја, Туркменистан, Узбекистан, Сирија, Белорусија и Кина.

XS
SM
MD
LG