Линкови за пристапност

Првиот снег зимава во Македонија задава главоболки

  • Соња Трајковска
  • за Скопје

Првиот снег зимава во Македонија задава главоболки

Првиот снег зимава во Македонија задава главоболки

Завеани села и патници, тешко проодни превои...

Завеани села и патници, тешко проодни превои - долгоочекуваниот снег, што од пред неколку дена почна да паѓа, а од ноќеска со поголем интензитет, на крајот на декември предизвика вистински хаос.

Белата покривка од 40-тина сантиметри буквално ги отсече велешките и штипските граѓани од цивилизацијата, а речиси четири илјади жители не можат да сметаат дека механизацијата, што веќе втор ден е на терен, наскоро ќе им го пробие локалниот пат.

Надлежните од комуналните претпријатија се правдаат дека за тоа виновна е - географијата.

„Конфигурацијата на теренот е таква што и при мали врнежи од снег доаѓа до снежни наноси на коишто мора да се интервенира. Должината на навевите е сериозна и е потребно подолго време да се расчистат“, вели Коста Настевски, раководител на одделението за одржување на комуналната инфраструктура во Велес.

Четири часа стотина патници беа заглавени на магистралниот пат Велес – Штип. Чекаа механизацијата да ги исчисти навевите. И за надлежните во Македонија пат, виновна за ова е - природата.

„Ветрот е главниот виновник. Снежните навеви се преголеми за механизацијата. Затоа, моравме дел од механизацијата ангажирана на други реони, како поголеми камиони чистачи, да ја пренасочиме кон овој проблематичен пункт“, вели Киро Коцев, од штипската подружница на Македонија пат.

Локалните жители се согласуваат дека овој пат е ризичен преку цела година, а посебно во зимски услови, но сметаат дека решението е тој да се прошири.

„Многу е тешко летно време да се вози по овој пат, а не во зима. Зимно време ова место е специфично има многу наноси и е изложено на северен ветар“.

„Треба да се прошири патот и исто така доста фреквентен е овој пат, а мислам дека е тесен за овој сообраќај што се одвива по него. Има и доста свиоци, има еден свиок што е црна точка и се случуваат доста сообраќајки“, велат тие.

Но, снегот што на една недела од Новата година донесе висинска зимска атмосфера во Македонија, донесе и радост - за земјоделците. По сушниот период, ваквата покривка е добра изолација за заштита на посевите од ниските температури.

Првите сантиметри снег ќе ги заживеат и скијачките центри во земјава. Два дена по официјалниот почеток на зимата, утре започнува скијачката сезона.

XS
SM
MD
LG