Линкови за пристапност

Протести во Скопје


Неколку илјади демонстранти, главно етнички Албанци, излегоа на улиците во знак на поддршка на упасените во акцијата „Монструм“.

Неколку илјади демонстранти, според проценките главно етнички Албанци, денес протестираа во знак на поддршка на упасените во акцијата „Монструм“.

Протестот беше најавуван вчера на социјалните мрежи, а и денес, дел од лицата кои се претставуваа како организатори, тврдеа дека официјално ненајавениот протест е спонтано организиран од незадоволни граѓани од полициската акција „Монструм“.

Според медиумските извештаи, по завршувањето на петочната молитва во Јахја Пашината џамија, откако една помала група превртела неколку контејнери, најпрвин само неколку стотини лица тргнале кон зградите на судовите, повикувајќи ги со скандирање минувачите да им се придружат, за пред Бит Пазар да се извикува и паролата - “Кој не излезе е предавник!“.

Целиот протест, кој беше најавуван како мирен и само како знак на поддршка, на улиците се одвиваше во крајно напната атмосфера, но сепак, се` се заврши релативно мирно.

Првите знаци дека напнатоста може да се изроди во инцидент биле пред зградата на судот кон која биле фрлени камења и имало обид да се урнат полициските огради. На присутните новинари, дел од учесниците во масата која протестираше, а која дотогаш се зголемила на неколку илјади луѓе, им изјавувале дека демонстрираат против полициската акција која според нив била инсценирана, како и против апсењето на лицата за кои тврдеа дека се невини и дека се работи за наместен случај. Некои од учесниците во толпата тврделе и дека постојат и сведоци кои можат да потврдат дека уапсените се невини, како и дека таквите сведочења не биле земени предвид.

И пред зградата на Владата, која беше под силно полициско обезбедување, дел од демонстрантите се обиделе да предизвикаат судир со полицијата, но освен навредите упатени кон премирот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети, се` се завршило со една искршена автобуска станица.

Според медиумските извештаи, покрај паролите “Албанците не се терористи“, “Доста со монтирани судења!“, “Алах е голем!“, пред Владата се извикувало и: “Вие сте убијци!“, “Етничка Албанија!“, “Груевски - терорист“...

По смирувањето на ситуацијата, колоната демонстранти се вратила преку Бит Пазар кон општината Чаир, каде е каменувана општинската зграда. Медиумите наведуваат дека во протестот немало повредени.

На политичката сцена, покрај НДП на Руфи Османи, која уште во првата рекаиција тврдеше дека „акцијата и изјавите на МВР, оставаат простор за сомневање дека сево ова што се случува по петкратното убиство во близина на Скопје, се тежнее да се искористи како алиби пред Самитот на НАТО во Чикаго, дека наводно Македонија е држава која се бори против исламскиот тероризам“, и втората опозициона партија ДПА излезе со став дека – „начинот на која МВР ги објавуваше и презентираше елементите и наводите од полициската акција „Монструм“ наликува на политичка конструкција“.

Во низата реакции по повод акцијата „Монструм’, денес и албанскиот министер за надворешни работи Едмонд Хаџинасто апелирал на воздржаност и побарал на грозоморното петкратно убиство да не се гледа низ верски и етнички ракурс. Според медиусмките извештаи од Тирана, Хаџинасто изјавил дека криминалците се само криминалци.

„Ние со посебно внимание ги следиме активностите во спроведувањето на законот, треба да се спроведуваат во целосна согласност со законот и секако поттикнуваме целосна, точна и праведна истрага, со цел оние кои се виновници да ја добијат заслужената казна“, рекол Хаџинасто.

Македонските медиуми денес ја пренесоа веста на весникот на албански јазик „Лајм“ дека Алил Демири, еден од двајцата бегалци осомничени за убиството на петмината кај Смиљковското езеро, се наоѓа во Шпанија, дека не се чувствувал виновен и бил подготвен веднаш да се врати во Македонија.

XS
SM
MD
LG