Линкови за пристапност

Нереди на протестот во Скопје

  • Соња Трајковска
  • за Скопје

Група од стотина млади со камења фрлаа по полицајците кои ги спречија да заминат кон северниот дел на градот.

Она што требаше да биде мирен протест против убиството на петмината кај Смилковското Езеро, група од стотина млади, главно малолетни припадници на навивачки групи го претворија во сериозен инцидент, што за среќа беше спречен да прерасне во масовни улични нереди.

Се` започна со палење свеќи пред зградата на Владата, за веднаш потоа со навивачки песни, недолични зборови, навреди на етничка основа се крена напнатоста, по што групата започна со дивеењето по улиците. Со камења фрлаа по полицајците кои се обидуваа да ја спречат нивната намера, преку плоштадот, Камениот мост, Старата скопска чаршија, да замине кон северниот дел на градот.

Полицијата без употреба на прекумерна сила успеа да ја разбие толпата на помали групи. Толпата на својот пат палеше контејнери, кршеше билборди, фрлаше со камења по случајните минувачи, а настрадаа и новинарски екипи кои ги следеа настанот.

Приватната телевизиска станица Телма од Скопје објави дека нивниот снимател бил повреден при извршувањето на задачата.

Засега нема официјална информација за евентуални повредени и приведени во овие инциденти, ниту за материјалната штета. Протестот, чиј организатор не се знае, беше закажан преку мрежите на Интернет.

Мирен протест, организиран од навивачката група Гемиџии, денес се одржа во Велес. За разлика од скопскиот, тој мина во мирна и достоинствена атмосфера, со палење свеќи и сеќавање на петте жртви.

Во Соборниот храм „Свети Климетн Охридски“ во Скопје вечерва се одржува молитвен собир во организација на повеќе невладини организации.

По најавите за одржување на граѓански собири, МВР денес повика тие да минат мирно и да не се подгрева напнатоста, особено меѓуетничката.

XS
SM
MD
LG