Линкови за пристапност

Скопје се сеќава


Скопјани и нивните гости од странство денес одбележаа 50 години од катастрофалниот земјотрес, но и од помошта од цел свет

Македонската престолнина денес одбележа 50 годии од катастрофалниот земјотрес на 26-ти јули 1963-та, со јачина од девет степени по Меркалиевата или шест степени според Рихтеровата скала, во кој 1.070 луѓе загинаа, а 3.000 беа повредени.

86-годишната Анастасија Марковска на гробот на својот син Спиро, кој загинал во земјотресот.
86-годишната Анастасија Марковска на гробот на својот син Спиро, кој загинал во земјотресот.
​Земјотресот во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, и во него беа урнати 15.800 живеалишта, 28.000 беа оштетени, а огромен број скопјани остана без покрив над главата. Кобниот ден пред пет децении, тогашната Сеизмолошка станица во Скопје регистрирала 122 потреси, до крајот на годината уште 411, а и во текот на следната 1964 година, уште 49 потреси.

Денешното одбележување започна со положување цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на гробиштата во Бутел, а во спомен на жртвите во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ беа служени Заупокоена литургија и панихида.

Под мотото „Скопје се сеќава“, Градот, скопјани, граѓаните на Македонија и гостите од светот денес со разни активности, преку изложби, проекции, перформанси и културни настани, се навратија на солидарноста на светот по земјотресот од 1963-та година, по која, особено по Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации од 14-ти октомври за давање помош на тогашните власти на СФРЈ за реконструкција на Скопје, главниот град на Македонија стана „Град на солидарноста“.

Со помош од целиот свет, Скопје се претвори во модерна метропола
Коце Трајановски, градоначалник на Скопје
Актуелниот градоначалник Коце Трајановски денес потенцираше дека со помош од целиот свет, Скопје се претвори во модерна метропола.

Трајановски ги прими членовите на странските делегации кои допатуваа по повод одбележувањето на 50-годишнината од земјотресот.

„За време на средбата имавме можност преку кратка видеопрезентација да се потсетиме на катастрофалниот земјотрес што го срамни до темел овој град, неговиот развој постземјотресно, но и да видиме во каква модерна метропола се претвори градот Скопје и како ќе се развива ова наше Скопје во иднина“, изјави градоначалникот, кој имаше средби и со дипломатски претставници од десетици држави од светот, од ЕУ, ООН и од УНИЦЕФ.


Денес се одржа и традиционалната крводарителска акција на Црвен крст, а беа планирани и благодарници за градоначалниците на Љубљана, Софија, Тирана, Дрезден, Нанчанг и Нирнберг, за хуманоста и помошта што овие градови им ја испратија на скопјани кога беше најпотребно.

Официјалната програма вклучи и поетско читање пред Музејот на град Скопје и изложба „26 јули 1963“. Главниот плоштад „Македонија“, пак, е местото на специјалниот мултимедијален проект со учесници од Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и актери, со нивни приказни за љубовта, храброста и солидарноста. Дел од активностите се пред Младинскиот културен центар, со меѓународната патувачка изложба „Покажи ја твојата надеж“, и киното на отворено, со проекции на документарните филмови „Скопје 63“ и „Барајќи го Шеќерниот човек“.
XS
SM
MD
LG