Линкови за пристапност

Подигнато обвинение против опозициониот водач Шиповиќ


Skopje, Macedonia
Skopje, Macedonia

Заедно со 11 други лица се товари за финансиски криминал од 1.3 милиони евра. Опозицијата, пак, тврди власта спроведува политички интереси и одмазда

Основното Јавно обвинителство покрена обвинение за приведените во полициската акција ''Претседавач'' - Мирослав Шиповиќ, претседавачот на Советот на скопската Општина Центар, и уште 11 лица. Тие, според МВР и Обвинителството, во фирмата „Машинопромет“ сториле злоупотреба на службена должност и овластување, и помагање во извршување на тоа дело, односно, финансиски криминал во вредност од 1.3 милиони евра во 2008-ма и 2009-та година.

Медиумите денес објавија дека Кривичниот суд го потврдил завршувањето на истрагата и пристигнувањето на обвинението против Шиповиќ, кој е локален функционер од редовите на опозицијата, и останатите 11-темина, чија одбрана сега може да поднесе жалби на обвинението. Кривичниот совет им го продолжи притворот на осумтемина обвинети од овој случај кои се во притворското крило во Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Меѓу обвинетите се Шиповиќ и неговиот брат, како и поранешни членови на Управниот одбор на „Машинопромет“ АД, еден функционер од УЈП и сопственици на приватни фирми.

За време на истрагата за случајот, опозицијата ја обвинуваше власта дека со апсењето на Шиповиќ само сака да ја блокира работата на Центар, единствената скопска општина во која опозицијата победи на локалните избори.
По првообвинетиот Шиповиќ, додека беше на приватно патување во САД, беше распишана меѓународна потерница, и тој при доброволното враќање од патувањето беше приведен во Виена. Откако кон крајот на ноември, австриските власти ја одобрија екстрадицијата, Шиповиќ е во македонски притвор. Оттогаш опозицијата перманентно се залага за негово ослободување за да се брани од слобода и за да може непречено да се спроведува волјата на граѓаните во Општината. Власта, пак, тврди дека МВР и Обвинителството немаат селективен приод кон спроведување на правото.

Мирните протести со транспаренти со повици за слобода за Шиповиќ и за Општина Центар се одржаа на новогодишната ноќ, но и денес пред Соборниот храм во Скопје. Опозицијата така го искажува револтот за одлуката за притвор на Шиповиќ, кој, според нив, само поради политички интереси и одмазда, без потреба се задржува во притвор веќе три месеци. Наспроти Божиќ, претставници на младината на СДСМ, советници од Центар и партиски симпатизери го кршеа бадниковото лепче пред затворот во Шутка, а на фасада на една од зградите во Општината беше поставен голем транспарент со барањето: „Слобода за Шиповиќ!“.
XS
SM
MD
LG