Линкови за пристапност

Батели загрижен за македонската политичка ситуација

  • Ведран Андоновски

Austria OSCE

Austria OSCE

Специјалниот претставник на ОБСЕ повика да се обезбеди легалноста, независноста и непристрасноста на институциите, а истовремено да се промовира одговорноста во рамки на Уставот и законите

Од суштинско значење за Македонија се широкиот политички дијалог и одговорноста. Ваква оценка денес даде словенечкиот пратеник Роберто Батели, специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, изразувајќи загриженост за политичката ситуација во земјата.

Батели смета дека се работи за најнова манифестација на тоа дека во Македонија не постои конструктивен дијалог ширум политичкиот спектар. Специјалниот претставник на ОБСЕ гледа критична потреба да се обезбеди легалноста, независноста и непристрасноста на институциите на земјата, а истовремено да се промовира одговорноста во рамки на Уставот и законите.

„Како граѓанин од регионот и еден од многумината на коишто искрено им е до напредокот на земјата, ги повикувам политичките водачи да постапуваат одговорно, во интерес на граѓаните и во корист на поширокото соседство“, рече Батели. Тој мисли дека е од клучно значење сите политички партии да придонесат во наоѓањето на решение за актуелната криза и да работат на тоа Собранието на Република Македонија да функционира.

“Еден парламент којшто ги поддржува демократските механизми и дијалогот за справување со ситуацијата е во најдобар интерес на сите“, вели Батели. Тој побара и од власта, и од опозицијата да дозволат компетентните судски тела да спроведат брза, но темелна истрага, со целосна независност и транспарентност во работењето.

Во врска со наводите за прислушување на приватни телефонски разговори во голем обем, Батели укажа на ставот на Парламентарното собрание на ОБСЕ за одговорност во безбедносниот сектор, изразен во Резолуцијата за демократска контрола врз јавниот и приватниот сектор. Батели потсетува и дека во рамки на Собранието постои Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, и ги повика сите политички чинители да ја употребат за промовирање на одговорноста, особено во контекст на наводите за прислушување.

XS
SM
MD
LG