Линкови за пристапност

Републиканскиот карван денес во Колорадо и Минесота


Републиканскиот карван денес во Колорадо и Минесота

Републиканскиот карван денес во Колорадо и Минесота

Мит Ромни се надева дека ќе го зацврсти водството, Гингрич најави борба до самиот крај.

Претседателскиот претендент и поранешен гувернер на Масачусетс Мит Ромни се надева дека ќе го зацврсти водството над останатите републикански конкуренти на изборните партиски состаноци што денес се одржуваат во Колорадо и Минесота.

Ромни навидум ќе нема проблеми да победи во Колорадо, но според анкетите во Минесота би можел да слави кој и да е од четворицата преостанати републиканци во трката, а блага предност има сенаторот од Пенсилванија Рик Санторум.

Поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич, кој едно време се сметаше за главен ривал на Ромни, имаше голема предност во Колорадо според анкетите кон крајот на минатата година, но сега како да ја губи поддршката.

Во трката учествува и тексашкиот конгресмен Рон Пол.

Ромни победи во Колорадо и Минесота 2008-та, кога исто така беше во конкуренција за претседателските избори.

Партиските изборни состаноци се дел од процесот по сојузни држави за назначување на републиканскиот кандидат кој ќе му се спротистави на претседателот Барак Обама на претседателските избори во ноември годинава.

Денес ќе се одржат и прелиминарни избори во Мисури, но на нив победникот не освојува изборни делегати што одлучуваат за конечното доделување на партиската номинација.

Ромни минатата недела извојува важни победи во Флорида и Невада. Во Невада освои 50% од гласовите, за разлика од Гингрич, кој доби 21%. Пол и Санторум завршија далеку зад нив.

Гингрич најави дека ќе се бори се` до Републиканската конвенција во август во Флорида, на која и официјално ќе биде назначен партискиот кандидат за претседателските избори. На победникот тогаш ќе му бидат потребни 1.144 изборни делегати. Досега Ромни освои 101, Гингрич 32, Санторум 17, а Пол 9.

Во симулација - што би се случило кога претседателските избори би се одржале денес, Обама го победи Ромни, според анкетата на вестите на ТВ-мрежата АБЦ и весникот Вашингтон пост. Обама освои 51%, а Ромни 45% од гласовите на регистрираните избирачи. Според истото истражување, половина од испитаниците го поддржуваат учинокот на Обама и веруваат дека заслужува втор мандат.

XS
SM
MD
LG