Линкови за пристапност

Веднаш повторно судење, слобода за Кежаровски

  • Ведран Андоновски

Интервју со Делфин Алгон, директорка за САД во Репортери без граници

На новинарот Томислав Кежаровски повторно да му се суди и да биде ослободен што поскоро. Вака вели Делфин Алгон, директорката за САД во организацијата Репортери без граници, која го истакнува шок-ефектот од пресудата. Ја потсетува македонската влада на Членот 16 на Уставот, за заштита на изворот на информацијата, и ја повикува ЕУ да ги нагласи правните стандарди.

Репортери без граници веднаш и со шокираност реагираше на казната четири и пол години затвор за Кежаровски. За Алгон, најзагрижувачки е „замрзнувачкиот ефект што го има оваа строга казна, дека новинарите во Македонија сега ќе мора работат под закана дека би можеле да добијат строги затворски казни“.

Оваа казна е нова потсетница за нас дека ситуацијата во Македонија се влошува
Македонија котира ниско според Индексот на слобода на печатот на Репортери без граници - на 116-то место од 179 земји. Алгон наведува дека случајот Кежаровски ќе се одрази во идниот Индекс, што ќе биде издаден во февруари идната година. „Оваа казна е нова потсетница за нас дека ситуацијата во Македонија се влошува“, вели претставничката на меѓународната организација за заштита на новинарската професија.

Коментирајќи го соопштението на Основниот суд Скопје 1, дека ги следел законите, дека Кежаровски го прекршил законот со тоа што открил идентитет на заштитен сведок, и дека Судот е зачуден од лавината меѓународни реакции, Алгон коментира - искуството покажува дека во Македонија новинарите може да бидат уапсени или приведени за работи што немаат никаква врска со она за што се обвинети, како на пример да дадат информации, или пак да ги откријат своите извори.

„Би сакале да ја потсетиме македонската влада и правосудниот систем дека заштитата на изворите е заштитена со Уставот, членот 16, а казнувањето на новинар поради неговата работа не само што е незаконски, туку и против европските стандарди кон кои се стреми македонската влада“, вели Алгон.

Таа не знае за сличен случај во Европа, во земји каде слободата на печатот е загарантирана со Уставот. Што, директно има намера да стори нејзината организација за казната на Кежаровски?

„Ја повикуваме Делегацијата на ЕУ во Скопје да нагласи дека е потребно повторно судење во случајот поради многу фактички аспекти, и да потсети на правните стандарди што македонската влада претендира дека ги применува“, наведува директорката за САД на Репортери без граници.

Тој не треба да е во затвор, туку со семејството и да може да продолжи со работата
Таа смета дека случајот може да има реперкусии и по македонската евроинтеграција, бидејќи е удар по демокартските права, и резимира:

„Затоа се надеваме дека ќе има повторно судење, дека новинарот наскоро би бил ослободен. Тој не треба да е во затвор, туку со семејството и да може да продолжи со работата“.
XS
SM
MD
LG