Линкови за пристапност

Дали функционира договорот ЕУ – Турција за бегалците?


ЕУ има потреба да ги усогласи политиките за азил меѓу земјите-членки за апсорбирање на бранот бегалци

Минатогодишниот бран со бегалци беше стихиен и неконтролиран и резултираше со прекумерна миграција во Европа. Денес сликата е поинаква. Договорот ЕУ-Турција ќе донесе поголема заштита за надворешните граници на Унијата, сметаат официјални лица од Брисел и од Анкара. Каква е досегашната имплементација на Договорот меѓу ЕУ и Турција, кој предизивика поделени реакции во јавноста.

Благодарение на Македонија во март протокот на мигранти се намалил за 90 отсто. Има значителен пад на бројката илегалните обиди за влез во ЕУ од Западниот Балкан, објави Фронтекс, граничната служба на Унијата.

Еврокомесарката за буџетски прашања Кристалина Георгиева на конференција во Вашингтон предупреди дека Европа старее и оти без мигрантите нема да има стабилен економски растеж. Според неа, ЕУ има потреба да ги усогласи политиките за азил меѓу земјите-членки за апсорбирање на бранот бегалци.

„Ги мобилизираме сите земји-членки да организираат помош за Грција, но и на Турција, со што секој бегалец ќе биде третиран на достоинствен начин, секое барање за азил ќе биде поединечно разгледано – ако исполнуваат услови ќе останат, ако не ќе треба да заминат за Турција“, изјави Георгиева.

Според турскиот заменик-премиер Мехмет Шимшек морална обврска на неговата земја е да двоми бегалци, согласно конвенциите на ОН. Фокусот, според него, треба да биде на овозможување образование за бегалците, затоа што тие не се товар, туку предност за секое општество.

„Европа и Турција се обидуваат да ги усогласат регулативите за мигрантите. Европа ќе продолжи да прифаќа сириски бегалци, но не преку нелегален и неконтролиран начин како досега, а Турција ќе продолжи да се грижи за сите бегалци кои се наоѓаат на нејзина територија, со помош од ЕУ“, изјави Шимшек.

Потребна е сеопфатна стратегија во која ќе биде вклучено создавање на подобри услови за мигрантите во земјите кои се непосредни соседи на Сирија и Ирак, односно Турција, Либан и Јордан - изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски за Гласот на Америка, на маргините на конференција во Вашингтон.

„Првите знаци од имплементацијата на договорот меѓу ЕУ и Турција се позитивни. Балканската рута е затворена, но треба да почне процесот на релокација на бегалците, особено оние кои се наоѓаат на грчко-македонската граница“ изјави министерот Јолевски.

А на теренот, сликата и натаму поразувачка. Над 11.000 мигранти се заглавени на македонско-грчката граница со што расте напнатоста поради безизлезноста, во која се наоѓаат.

XS
SM
MD
LG