Линкови за пристапност

Рикер: Спорот може да се реши многу брзо, зависи од Македонија и Грција

  • Соња Трајковска
  • известувачка Скопје

Рикер: Спорот може да се реши многу брзо, зависи од Македонија и Грција

Рикер: Спорот може да се реши многу брзо, зависи од Македонија и Грција

Вишиот претставнк на Стејт департментот се сретна со премиерот Груевски и шефот на дипломатијата Попоски

„Нашата позиција секогаш била иста. Се надеваме и веруваме дека овој спор може да се реши многу брзо, но тоа е нешто што може да се реши меѓу Македонија и Грција“. Заменик- помошникот во Стејт Департментот Филип Рикер денеска беше вака дециден дека нема промена во американскиот став во однос на македонско- грчкиот спор за името, дилема што некои медиуми во Македонија ја наметнаа откако на новинарско прашање, дали тој како доскорешен амбасадор и пријател на Македонија ќе помогне во решавањето на спорот со името, одговори, дека „не е негова работа да и` помага на Македонија“, и дека „Македонија треба да и` помогне на Македонија“.

По средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, Рикер рече дека пренел оти САД се залагаат да не се кочи напредокот на Македонија кон евроинтеграциите.

„Му кажав на Попоски дека секогаш ќе бидеме среќни ако слушнеме дека има промена или напредок. Ако се реши, ќе биде одлично за Македонија за да може да оди напред“, изјави Рикер, додавајќи дека САД ја поддржуваат Македонија од нејзината независност и дека досега инвестирале околу милијарда долари за поддршка на реформите неопходни за земјата да ја исполни својата стратегиска цел - членството во НАТО и ЕУ.

Министерот Попоски од него побарал засилена поддршка од САД во рамки на Алијансата, особено пред престојниот Самит во мај во Чикаго.

Вишиот американски дипломат не сакаше директно да ја коментира резолуцијата донесена неодамна од Комитетот за надворешни работи на Конгресот на САД во која Македонија се именува со референцата ФИРОМ и се бара условување на американската финансиска помош со вклучување на македонската Влада во сериозни преговори за името. Вели, во неа нема ништо ново.

„Конгресот функционира независно од извршната власт и ако погледнете кон историјата, ако погледнете различни резолуции на Конгресот, ќе видите (дека) во оваа нема ништо посебно ново“, изјави тој.

Со премиерот Никола Груевски, како што изјави Рикер по средбата, разговарале за темите кои го загрижуваат Вашингтон - владеењето на правото, еднаква прадва за сите и слобода на медиумите.

„Ова се теми за кои продолжува да се дебатира, како што успеав да разберам изминативе денови и тоа се прашања кои не` загрижуваат. Од поодамна зборуваме за нив, се работи за прашања со кои се соочуваат и други земји од регионот, но ние сме загрижени за некои назадувачки трендови кои ги гледаме во Македонија и затоа ќе продолжиме да разговараме за тие прашања“, изјави Рикер.

Според соопштението, од Кабинетот на Груевски, најголем дел од разговорите со претставникот на Стејт Департментот биле посветени на проблемот со името. Рикер по средбата не сакаше да прецизира што му било кажано.

„Би му оставил на премиерот да каже за работите, ако сака да зборува за тоа што мене ми го рече. Не сакам да зборувам во негово име“, рече Рикер.

Официјално, премиерот го информираал Рикер „за активностите кои се практикуваат со посветеност и одговорен пристап од страна на Република Македонија, а се насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за уставното име на Република Македонија наметнат од Република Грција“.

Ова е прва официјална посета на Рикер во својство на заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, функција на која замина по тригодишниот амбасадорски мандат во Македонија. Новиот американски амбасадор, Пол Волерс во Македонија доаѓа во септември.

XS
SM
MD
LG