Линкови за пристапност

Самоубиствени напади во Анбар, загинаа 17 ирачки војници


Непосредно пред операцијата на ирачките сили за заземање на делови на провинцијата каде што се утврдени милитантите на ИД

Во самоубиствени бомбашки напади во провинцијата Анбар во текот на ноќта биле убиени најмалку 17 ирачки војници, додека ирачките сили продoлжуваат со тукушто започната операција против милитантната организација Исламска држава (ИД) во таа област.

Според ирачки армиски претставници, нападите во близина на градот Фалуџа, каде што контрола има ИД, се случиле само неколку часа по почетокот на операцијата на ирачките сили за заземање на делови на провинцијата каде што се утврдени милитантите. Армијата и милициите се фокусирани на областите надвор од главниот град на покраината, Рамади, во обид да ги пресечат линиите на достава на милитантите, а потоа да започнат офанзива кон самиот град.

Операцијата започна вторникот, со свежа поддршка од САД, во време кога претставници на Белата куќа се обидуваат да ја реафирмираат заложбата за ирачките сили, а по коментарот на американскиот секретар за одбрана Аштон Картер, којшто ја доведе во прашање борбената волја на ирачката армија.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест кажа дека САД ќе обезбедат ирачката армија да ја има потребната опрема, меѓу што и антитенковско оружје, особено ефикасно во уништување на автомобили-бомби. Ернест рече дека САД веруваат дека борбата за Рамади налага успех на сили составени од повеќе секти. „Причината за тоа е што Ирак е мошне разновидна земја и затоа ќе бидат потребни сите елементи на таа разновидност за спротиставување на конкретната закана, (...) не само за да се истисне ИД од земјата, туку и да се задржи одново заземената територија“.

Според Ернест, оваа стратегија дала резултат кога ирачките сили го ослободија Тикрит од ИД – сили од сите секти, под централна ирачка команда, и со поддршка од воздушни напади на коалицијата под американско раководство.

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади изјави дека Рамади ќе биде заземен за неколку дена и дека има доверба во способноста на ирачките сили.

XS
SM
MD
LG