Линкови за пристапност

ЗНМ: Слободата на медиумите во Македонија е алармантна

  • Борјан Јовановски
  • за Скопје

Дијалогот со владата - во застој, тврди претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер Селмани.

На Светскиот ден на слободата на печатот, Здружението на новинарите на Македонија објави нималку розова слика за ситуацијата во оваа област.

„Состојбата со македонските медиуми е алармантна“,изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани на прес-конференцијата по повод одбележувањето на денот.

Селмани информираше и дека нема никаков напредок во дијалогот со Владата за подобрување на состојбите во медиумската област.

„Преговорите се во застој и без конкретни решенија, без образложение од Владата зошто е тоа така“,вели Селмани. На прашањето дали ЗНМ се повлекува од преговорите, тој одговори дека новинарите нема од што да се повлечат, бидеќи дијалог нема. Селмани исто така предупреди дека Владата се обидува да изгради погрешна слика за состојбата во медиумите во дијалогот со ЕУ, но, како што кажа, “во тоа нема да успее бидејќи ние имаме аргументи“.

И претседателката на Синдикатот на новинарите Тамара Чаусидис на прес-конференцијата со алармантно тврдење - за социјалните права на новинарите.

„Новинарите се сведени на економско робје“, рече Чаусидис потенцирајќи дека многу од нив се изложени на закани со откази од работа доколку се обидат да постават провокативни прашања и не ги извршуваат диктатите на сопствениците. И Синдикатот, како и ЗНМ, смета дека во Владата нема политичка волја да се надминат овие проблеми.

Со соопштение по повод светскиот ден на медиумите се јави и Советот за радиодифузија.

„Советот за радиодифузија, преку одлучноста да ги реши крупните прашања, поврзани со сопственичката структура, преку превенирањето на појави на недозволени медиумски концентрации, преку создавање фер услови на медиумскиот пазар како и преку доследно спроведување на Законот за радиодифузната дејност, ќе продолжи да дава придонес кон унапредувањето на слободата на изразувањето во Република Македонија“, стои во соопштението.

Слободата на медиумите е една од петте точки во агендата на предпристапниот дијалог меѓу Владата со Европската комисија. Втората рунда од дијалогот ќе се одржи на 7-ми мај, кога во Скопје повторно ќе дојде комесарот за проширување Штефан Филе.

Денеска опозиционите социјалдемократи истапија со предлог како да се надминат проблемите со слободата на медиумите во рамките на предпристапниот дијалог со ЕУ.

„Предлагаме пристапување кон изработка и усвојување на Национална стратегија за слобода на медиуми и право на слободен говор во Собранието на Македонија, во рок од три месеци сметано од денес. Стратегијата треба да биде основа за сите понатамошни законски решенија од оваа област, а најмалку мора да ги содржи декриминализацијата на клеветата, воспоставување на независност на Јавниот радиодифузен сервис, обезбедување на систем за рамномерна и правична дистрибуција на буџетски и јавни средства до сите медиуми и враќање на независноста на СРД“, изјави Емилијан Станковиќ.

Проблемите во сферата на слободата на медиумите се констатирани и во повеќе меѓународни организации. Последен беше извештајот на Фридом Хаус во кој се наведува дека медиумските слободи во државата назадуваат и дека Македонија се наоѓа во групата делумно слободни земји, заедно со Молдавија, Полска и Украина.

XS
SM
MD
LG