Линкови за пристапност

Средба Попоски – Аврамопулос „за креираните видувања“


По подолг период, прва средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски попладнево по македонско време на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк по првпат се сретна со својот грчки колега Димитрис Аврамопулос, средба што ја опиша како куртоазна.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски по средбата, Попоски ги истакна македонските прироритети во односите со Грција - деблокирање во процесот на НАТО и ЕУ, како и официјална Атина да придонесе за подобрување на климата во целиот регион.

Слушнете го целосниот разговор со министерот Попоски:




„Конкретно, разговаравме за взаемните перцепции, стравовите или креираните видувања од едната или другата страна“ рече Попоски.

Според македонскиот шеф на дипломатијата, на средбата обајцата констатирале дека Република Македонија не претставува никаква закана по безбедноста или територијалните интегритет на Република Грција, а тоа, заклучува Попоски, е „клучна констатација бидејќи е една од причините за наметнатиот билатерален спор кој во изминатите 20 години ја измачува земјата“.

Попоски тврди и дека се согласиле сите земји од регионот да бидат вклучени во евроатлантските интеграции. Тој додава дека од Аврамопулос добил уверување дека Грција има интерес за продлабочување на соработката и унапредување на односите во туризмот и економијата.

Попоски информира и дека на состанокот во Њујорк не станало збор за евентуална средба на повисоко ниво меѓу премиерите или претседателите од двете држави, но затоа акцентираше дека „нашата отвореност останува, но таа треба да биде пресретната од секој соговорник од другата страна“.

Грчкиот министер за надворешни работи вчера се сретна со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. Според кусото соопштение на ОН, „размениле гледишта“ за прашањето за името меѓу Македонија и Грција, Кипар, како и ситуацијата во Сирија.

Како што наведуваат грчките медиуми, Аврамопулос му објаснил на Бан Ку-Мун “како стојат работите денес и зошто не се продолжува во насоката што сите ја посакуваат, во рамките на процесот што се одвива под покровителство на ОН“.

“Јасно е дека тоа не е поради Грција. Ние ја истакнавме потребата што е можно побрзо да се одговори на преземените иницијативи со целосна почит кон историјата на нашата земја. Од друга страна, изнаоѓањето на решение ќе биде во интерес на стабилноста, мирот и соработката во овој чувствителен дел на Европа“, го цитираат медиумите Аврамопулос.

И македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој во четврток ќе се обрати на 67-мото Генералното собрание на ОН, треба да оствари средба со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. Предвидено е обете страни во Њујорк да се сретнат и со посредникот на ОН во разговорите за името Метју Нимиц.
XS
SM
MD
LG