Линкови за пристапност

Различни толкувања за тоа кој што рекол...


...по првата средба меѓу министрите за надворешни работи Никола Поповски и Димитрис Аврамопулос во Њујорк.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во изјавата за Гласот на Америка на македонски ја опиша средбата на маргините на Генералното собрание на ОН понеделникот попладне во Њујорк како куртоазна.

„Она што конкретно разговаравме беше врзано за взаемните перцепции, стравовите или креираните видувања од едната или од другата страна“, рече првиот човек на македонската дипломатија.

Попоски нагласил дека Република Македонија очекува од своите соседи кои се дел од евроатлантската заедница да имаат конструктивна улога во приемот на Македонија во ЕУ и НАТО.

Во соопштението на грчкото Министерство за надворешни работи, пак, стои дека средбата била за запознавање и дошла на барање на Попоски. Според грчката страна, министерот Димитрис Аврамопулос на средбата со Попоски ја истакнал содржината на недомнешното писмо на грчкиот премиер Андонис Самарас.

„Забележувајќи дека Грција веќе го сторила својот дел во обидот за наоѓање на решение, Аврамопулос потенцираше дека е време и раководството во Скопје да го стори своето“, се вели во соопштението.

Попоски за Гласот на Америка на македонски кажа и дека на средбата со Аврамопулос “взаемно констатиравме дека Република Македонија не претставува никаква безбедносна закана по територијалниот интегритет на Република Грција. Сметам дека тоа е една клучна констатација бидејќи по таа логика и е наметнат билатералниот спор кој во изминатите 20 години не` измачува“.

Грчкото министерство за надворешни работи реагираше на македонските медимски извештаи дека Аврамопулос уважил дека Македонија нема територијални претензии кон Грција.

„Тоа не е точно и такво гледиште воопшто не беше изразено“, стои во соопштението на грчкото министерство.

Според портпаролот Григорис Делавекурас, „ова е најверојатно добро познатата тактика од Скопје: да се создаде сензација за домашна употреба, што ја потврдува проценката дека не покажуваат искрена подготвеност и намера за наоѓање на решение“.

Средбите на маргините на генералното собрание во Њујорк продолжуваат. Утре македонскиот претседател Ѓорге Иванов ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.
XS
SM
MD
LG