Линкови за пристапност

Ако нема договор следните денови, нема избори во април


Доколку во наредните 2-3 дена партиите не се договорат, Договорот од Пржино ќе пропадне, предупреди белгискиот посредник Питер Ван Хауте

Ова предупредување денеска дојде од Питер ван Хауте, за кого клучен услов е Државната изборна комисија да почне да функционира најдоцна за две недели.

Ван Хауте денеска излезе од дипломатската пракса и упати неколку отворени пораки до политичките лидери во земјава: „Доколку нема компромис меѓу партиите, ќе има сериозен одговор од ЕУ и Америка, како и сите други земји кои, како што рече со внимание го следат процесот“, дека „меѓународната заедница се откажува од разрешување на политичката криза“, и дека „ниту демантира, ниту потврдува дека се можни санкции доколку политичарите не успеат да се договорат за излез од кризата“.

“Доволно е да се погледне примерот со Белорусија и каков тип на односи има ЕУ со таа земја и нејзините лидери, кога се загрозени слободата и правата на граѓаните“. Во минатото се покажа дека овие мерки можат да бидат ефективни. Она што можам да го кажам дека постои група која се вика „Friends of Macedonia“ и знаеме дека некои земји членки веќе ја напуштиле оваа организација“, рече Ван Хауте. Додека говореше пред новинарите тој држеше лист хартија на која на англиски и на македонски јазик, стоеше паролата „Зборот е збор“.

Единствената добра работа во досегашните преговори, за него е што политичарите почнале да комуницираат меѓусебно, но затоа листата на негативности е долга: нема помрднување во преговорите, сите рокови се пробиени, стабилноста во земјата не е добра, има дисфункционален Парламент...

Ван Хауте денеска ги разреши и сите медиумски шпекулации за тоа што бил „камен на сопнување во преговорите“ – забраната за објавување на тнр. „бомби“ на опозицијата.

„Главната дискусија на преговорите е околу слободата на изразување, а за слободата на изразување не се преговара. Јавноста има право да биде информирана за сите дејствувања на власта, а на медиумите е обврска да известуваат и да ја информираат јавноста во овој контекст, затоа што фундаменталните принципи и законската регулатива во светски рамки се однесуваат на тоа“, рече тој.

Во меѓувреме, Советот на јавни обвинители, и покрај препораките, не го докомплетира тимот на Специјалниот јавен обвинител. Тие останаа на ставот дека „немало нови услови за промена на нивната одлука“ и дека немаат намера да постапуваат по предлози на политички партии.

XS
SM
MD
LG