Линкови за пристапност

Музика во хуманитарна цел


Македонскиот пијанист Никола Паскалов пред избрана публика близу Вашингтон настапи на настан за собирање на средства за болни од леукемија и лимфома

Во приватна резиденција во општината Фолс Чрч, сојузната држава Вирџинија, Здружението против леукемија и лимфома деновиве одржа добротворен настан. За музичкиот амбиент беше задолжен македонскиот пијанист Никола Паскалов. Се претстави со програма од час и половина, на којашто беа дела од Бетовен, Шопен и Скрјабин.

17-годишната Франческа Кин, којашто со својата мајка ја организираше тивката аукција во хуманитарни цели, проследена со концертот на Паскалов, истакнува дека целта е да се соберат 15.000 долари.

„Над еден милион лица во пошироката област на Вашингтон живеат со леукемија. Лично, се решив на вакво нешто, затоа што брат ми боледуваше од леукемија и за среќа - ја победи“, раскажува Кин.

Мајка и`, Џенифер Кин, ја подвлекува важноста да се крене свеста за леукемијата: “Оваа организација постои долго време, но малку луѓе знаат за неа. Сакаме да алармираме дека леукемијата е голем здравствен проблем во САД, и оти погаѓа и многу деца“.

Паскалов има 15-годишна музичка кариера зад себе. Од неодамна, живее во пошироката област на Вашингтон. Отворил и школа за пијано.

„Изминатите години имав богата концертна активност. Го издвојувам концертот во Карнеги хол во 2013-та. Потоа издадов компакт-диск за Хрватската радио-телевизија, каде што настапував со симфонискиот концерт на ХРТ“, наведува македонскиот пијанист.

Паскалов за својата концертна иднина додава: „Плановите се големи. Еден од нив е и концерт во Центарот Кенеди“.

Има настапувано во Хрватска, Германија, Холандија, и Англијa.

XS
SM
MD
LG