Линкови за пристапност

Еден на еден со Перо Антиќ


Каде и да оди, го следат иселениците. Ја пишува македонската историја во НБА во редовите на Атланта хокс

Соиграчите веднаш го прифатиле, вели Перо Антиќ во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, затоа што знаат каде играл и што постигнал. Треба да се прилагодиш на интензивниот систем на играње натпревари во НБА, и се` зависи од тебе, резонира Антиќ.

Го оценува стилот на Хокс:

„Побрзо се игра. Во НБА, буквално, се е` во физичката надмоќност. И за време на натпревар во кој имате предност од 14 коша, и да има уште два минути до крајот, се шутира. Во Европа, играта е побавна, се` „држи“ резултатот. Таков е тука системот и мора да се прилагодам“.

Дојдов во Атланта заради тренерот Мајк Буденхолзер - признава Антиќ. Лично му се јавил, дури петпати, и му рекол дека му е потребен играч кој ќе ја шири одбраната и ќе се вклопи во неговиот систем на игра.

Еден ден да се јавеше покасно, ќе потпишев во Европа
„Еден ден да се јавеше покасно, ќе потпишев во Европа“, вели „шестката“ на Хокс.

За очекувањата од тимот на „јастребите“ годинава, Антиќ коментира: „Мислам дека шест години по ред се во плеј-оф разигрувањата. Тоа е прв чекор. Го немаат поминато првиот круг и втор чекор е да одат понатаму. Само здравјето да ме служи во текот на сезоната, па ќе видиме до каде ќе стигнеме“.

За досегашната минутажа која ја добива од тренерот Буденхолзер, македонскиот интернационалец вели: „Минутажата е според некој систем што не го разбирам. Има искусни, ол-стар играчи, како Елтон Бренд, кој не игра седум натпревари по ред, па ќе влезе во игра последните 5 минути. За мене, тоа не е логично. Во Европа е поинаку. Кога си во години и кога си создал име, тоа знае да се цени. Тука, во НБА, се играат 82 натпревари во сезоната и според составот на противничкиот тим, така и се формира првата „петорка“.

Антиќ се надева дека ќе ја претставува Македонија во најдобро светло и од се` срце благодари за поддршката на македонските иселеници во САД.
XS
SM
MD
LG