Линкови за пристапност

Регионална лидерска средба во Охрид – до решенија само преку дијалог


Регионална лидерска средба во Охрид – до решенија само преку дијалог
Регионална лидерска средба во Охрид – до решенија само преку дијалог

Претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора повикаа и на забрзана интеграција во ЕУ и НАТО

Забрзана интеграција во Европската унија и во НАТО, стабилен и безбеден регион, јакнење на економската соработка, привлекување на инвестиции - ова се приоритетите за кои денес во Охрид разговараа претседателите на Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово.

На третата Регионална лидерска средба, во Охрид, домаќинот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов и колегите од Албанија - Бамир Топи, од Црна Гора - Филип Вујановиќ и од Косово - Атифете Јахјага разговараа и за економската соработка, потикнувањето на регионалните инвестиции, инфраструктурното и енергетското поврзување, прекуграничната соработка, борбата против криминалот и заштитата на човековата средина.

Визијата на целиот регион да се трасира до 2050-та година, порачаа лидерите на Самитот во Охрид, на кој ги допреа и нерешените билатерални прашања. Оценија дека дијалогот е единствениот пат да се дојде до решенија.

„Билатералните прашања не смеат да бидат блокада на процесите кои се незапирливи. Перцепцијата која е создадена за Македонија е создадена од една земја - членка на ЕУ. Другите земји-членки не се согласуваат со таквиот став. Позитивното искуство од Словенија и Хрватска ни е патоказ како треба да дојдеме до решение“, кажа претседателот на Република Македонија Иванов на средбата во Охрид.

„Очекуваме и Грција така да се однесува кон нас. Проблемот е во ОН и таму треба да се бара решението“, рече Иванов.

Првите луѓе на четирите балкански држави на дводневниот самит упатија и апел за забрзана интеграција. Потенцираа дека регионот во целина има постигнато голем успех, а реализирањето на заедничките стратешки цели е можно само со интензивна билатерална, но, уште позначајно, регионална соработка. Претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора подвлекоа дека земјите од регионот се соочуваат со исти предизвици и имаат заеднички стратешки цели.

„Јакнењето на соживотот во нашето мултиетничко општество ја надгради нашата вековна традиција за почитување на она што е различно. Десет години од Охридскиот договор е позитивен пример каква завршница треба да имаат ваквите настани.

Балканот не е веќе она што бил. Позитивните трендови се чуствуваат во сите сфери“, рече Иванов.

На следниот самит што ќе се одржи во Црна Гора, албанскиот претседател Топи го охрабри црногорскиот колега Вујановиќ да го покани претседателот на Србија. Според Топи, иднината на земјите е во соработката, мирот и заедничкиот пат.

„Фактот дека Србија изјави дека сака да биде дел од ЕУ ја обврзува да ги има истиот пат и истиот начин на однесување како и другите земји од регионот. Разбирам дека секоја земја, секој лидер има свои сопствени проблеми од внатрешен карактер, но во едно општество какво што е српското, каде иднината е ЕУ, посакувам Тадиќ да ни се придружи на оваа маса каде ние дискутираме за проекти во однос на соработката за интеграција на нашите земји, каде приоритет е економскиот развој“, рече албанскиот претседател Топи.

„Дијалогот помеѓу Белград и Приштина би требало да почне што поскоро, затоа што е важен за стабилните односи во регионот. Дадовме голема регионална поддршка за решавање на овој спор, така што сум уверен дека тоа ќе значи потик за Србија и Косово“, рече Вујановиќ.

Претседателот на Косово Атифете Јахјага исто така изрази надеж дека ваквите средби во идина нема да останат на ова ниво. Очекува дека ќе се приклучат и другите земји од регионот.

„Земјите од регионот се стремат да соработуваат една со друга во однос на постигнувањето за заеднички агенди. Нашите земји изразија готовност да си помагаат една на друга, што поставува една добра основа за мир во регионот и можност за слободно движење на луѓе, идеи и капитал“, рече Јахјага.

Претседателите на Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово заедно ќе бидат и на отворањето на „Охридско лето“, најпрестижната културна манифестација во земјата што се одржува под покровителство на Иванов.

XS
SM
MD
LG