Линкови за пристапност

Ромни наиде на поенергичен Обама


Обама и Ромни на универзитетот во Њујорк одговараа на претходно избрани прашања од се` уште неопределени Американци
Обама и Ромни на универзитетот во Њујорк одговараа на претходно избрани прашања од се` уште неопределени Американци

Втор ТВ-дуел, исти несогласувања.

Американскиот претседател Барак Обама од самиот почеток настапи поенергично во вториот од вкупно трите ТВ-дуели против републиканскиот предизвикувач Мит Ромни.

Кандидатите на изборното ливче за 6-ти ноември разменија напати жестока реторика за своите политики на внатрешнополитички теми, како реформите во пензискиот и здравствен систем, даноците, заживувањето на економијата, невработеноста и задолженоста на нацијата, но и на надворешнополитички план, како улогата на Кина на глобален план и неодамнешниот напад врз американскиот конзулат во Бенгази во кој загинаа амбасадорот во Либија и тројца други членови на персоналот.

Дебатата на Универзитетот Хофстра во Њујорк, во формат на собир на 82-ца неопределени гласачи, ги надмина очекувањата да биде досега најгледаниот ТВ-дуел во предизборната кампања, според првичните извештаи на медиумите. Интернет-мрежите Твитер и Фејсбук регистираа преку 4 милиони пораки во првиот час од дебата.

Во, како што аналитичарите, медиумите и американската јавност ја окарактеризираа, најверојатно најважната ноќ во претседателската кампања 2012-та, обата политички табора по завршувањето на ТВ-дуелот огласија дека се задоволни од настапот на својот кандидат.

Спроти втората од вкупно трите планирани дебати, Обама беше пред огромен притисок, затоа што според општиот впечаток на првото соочување настапи млако и рамнодушно против енергичниот Ромни.

Анкетите, барем до сега, покажуваат мртва трка.

Обама и Ромни на универзитетот во Њујорк одговараа на претходно избрани прашања од се` уште неопределени Американци, што ги поставуваше водителот.

Изборите за претседател на САД ќе се одржат за точно три недели.
XS
SM
MD
LG