Линкови за пристапност

Обама се сретна со Ан Сан Су Чи во Мјанмар


На земјата и` следат важни избори и важно е сите граѓани да учествуваат во креирање на иднината, порача првиот човек на САД

Американскиот претседател Барак Обама во Мјанмар разговараше со поборничката за човекови права Ан Сан Су Чи, во време кога во југоисточната азиска се јавуваат прашања за насоката и темпото на демократските реформи пред изборите во 2015-та.

Ан Сан Су Чи на прес-конференција изјави дека реформскиот процес во Мјанмар - земјата позната и како Бурма - минува низ немирен период. Таа предупреди против преголем оптимизам што може да доведе до лажна претстава дека е постигнато доволно. Таа го опиша Уставот на земјата како неправеден и недемократски.

„Апсолутно сум убедена дека САД ќе продолжат да не` поддржуваат во демократска трансформација, така што кога Бурма ќе стане целосно функционална демократија, согласно волјата на народот, ќе може да кажеме дека меѓу пријателите коишто не` поддржаа, САД беа меѓу првите“, изјави поборничката за човекови права.

Ан Сан Су Чи беше избрана за пратеничко место во Парламентот во 2012-та. Оттогаш, нејзините симпатизери бараат уставен амадман што ќе и` овозможи да се кандидира за претседателските избори идната година.

Уставот на Мјанмар забранува секому којшто има значителна врска со странски државјанин да се кандидира за претседател. Синовите на Ан Сан Су Чи се Британци, како и нејзиниот починат сопруг. Но, таа беше и мета на жестока критика што јавно не зазеде поцврст став против злоупотребата на претежно муслиманското малцинство Рохингја.

Обама рече дека нема логика Уставот да им забранува на граѓаните да се кандидираат за претседател поради тоа кои се членови на нивните семејства.

„Граѓаните треба да се чувствуваат безбедно во нивните домови и да не се предмет на произволни малтретирања од властите или пак поединци, без да ги стигне казна. Граѓаните треба да се охрабруваат да ги остварат своите стремежи. На Бурма и` следат важни избори и важно е да се обезбеди дека сите граѓани ќе можат да учествуваат во креирање на иднината“, рече американскиот претседател.

Тој вчера вели изрази убеденост во како што го нарече дека „новиот ден“ во Мјанмар, но додаде дека треба да се заврши уште работа во транзицијата на оваа јужноазиска земја од воена диктатура во демократија.

Ваквиот коментар на Обама дојде по средбата со законодавните водачи во главниот град Најпјидо. Тој ги оцени средбите како одлична дискусија за демократската транзиција, но и ја повика владата да стори повеќе за заштита на човековите права.

По разговорите со законодавните водачи, Обама одржа приватна средба и со претседателот на Мјанмар, Тејн Сејнан.

Обама во Мјанмар учествува и на Самитот на Јужноазиски земји (АСЕАН), што по првпат се одржува во оваа земја.

XS
SM
MD
LG