Линкови за пристапност

Меркел: шпионирањето на пријатели - неприфатливо


Обама, пак и` порачал дека САД не ги прислушкуваат, ниту пак ќе ги прислушкуваат нејзините разговори

Германската канцеларка Ангела Меркел вели дека за време на вчерашниот телефонски разговор, на американскиот претседател Барак Обама јасно му укажала дека “шионирањето на пријатели е апсолутно неприфатливо“.

„Мора да имаме доверба во нашите сојузници и партнери и оваа доверба мора веднаш повторно да биде воспоставена“, изјави денес Меркел, по пристигањето на самитот на Европската унија во Брисел.

Првите луѓе на САД и Германија разговарале во врска со медиумските наводи дека американската Агенција за национална безбедност (НСА) ги следела телефонските повици на Меркел. Обама и` кажал на Меркел дека САД не ги прислушкуваат, ниту пак дека ќе ги прислушкуваат нејзините разговори. Во изјавата од Белата куќа стои дека тие се согласиле да ја зајакнат разузнавачката соработка, за да ја заштитат безбедноста на двете земји и сојузниците, но и приватноста на нивните граѓани.

Претходно денеска, германскиот министер за надворешни работи Гвидо Вестервеле го свика американскиот амбасадор Џон Емерсон во врска со случајот.

Владата на Обама ги отфрла најновите медиумски тврдења за голем дел на американските разузнавачки активности, во време кога е под жестока критика дека ги шпионирала сојузниците. Тврдењата се базираат на тајни документи што до медиумите ги достави поранешниот работник под договор во НСА, Едвард Сноуден, кој сега живее во Русија.
XS
SM
MD
LG