Линкови за пристапност

Андерс Фог Расмусен: Прво решение за името, па членство


Андерс Фог Расмусен: Прво решение за името, па членство
Андерс Фог Расмусен: Прво решение за името, па членство

Првиот човек на НАТО во Вашингтон повтори дека политиката на консензус не може да се промени туку-така.

Без обострано прифатливо решение за името, Македонија не треба да очекува покана за членство, кажа генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен на прес-конференција во Вашингтон, каде учествува на одбранбен семинар во организација на Алијансата.

На прашањето на Гласот на Америка да ги елаборира причините зошто е важно Македонија најпрво да го реши спорот со името со Грција, наместо да биде примена во Алијансата под референцата БЈРМ, па` потоа да го решава спорот со јужниот сосед, со оглед на тоа дека некои членки на НАТО со години имаат разлики во билатералните односи, како Турција и Грција, на пример, Расмусен рече: „Сите одлуки во НАТО се носат врз база на консензус, а тоа ја вклучува и Грција. За да упатиме покана до Скопје, ќе ни треба поддршка од Грција. Тоа е тоа. Разбирам дека Грција нема волја да упати таква покана се` додека не се најде обострано прифатливо решение за името. Тоа го решивме во Букурешт во 2008-ма и таа одлука се` уште важи“.

Тој рече дека во НАТО, правилото на консензус не може туку-така да се промени, така што приемот на Македонија потпаѓа под истото правило: „Се надевам дека двете земји ќе можат да најдат решение што е можно побрзо, затоа што сакам да ги видам сите земји од Западниот Балкан интегрирани во ЕУ и во НАТО. Лично, би сакал да бидам во позиција да упатам таква покана до владата во Скопје, но реалноста е дека е потребен конзензус во рамки на Алијансата“.

Генералниот секретар на НАТО со порака до двете страни, спроти Самитот во Чикаго: „Го повикувам премиерот Груевски, со кого се сретнав неодамна, да покаже флексибилност и прагматизам. Истата порака ја пренесов и во Атина за време на мојата неодамнешна посета. Ги повикав двете страни да покажат флексибилност“.

На 5-ти декември минатата година, истиот ден кога беше објавена пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Расмусен во куса писмена изјава потенцираше дека мислењето на Судот не влијае врз одлуката на НАТО донесена на Самитот во Букурешт во 2008-ма и дека членството на Македонија зависи од решавањето на спорот со името.

XS
SM
MD
LG