Линкови за пристапност

Во Скопје одбележан Денот на НАТО

  • Синиша Станковиќ

Сојуз на независни држави што донесуваат одлуки како такви, а не во услови на лимитиран суверенитет, потенцираше шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија

„Република Македонија ги споделува и ги промовира истите вредности и интереси со земјите-членки на Алијансата. На членството во НАТО се гледа како на суштински предуслов за зголемување на безбедноста и стабилноста, кое позитивно ќе влијае и врз деловната клима, економскиот раст, развојот и благосостојбата на нашите граѓани“ рече денес министерот за одбрана Талат Џафери на одбележувањето на Денот на НАТО во Домот на АРМ во Скопје.

Тој изрази надеж дека на септемврискиот Самит на НАТО во Британија, земјите-членки ќе најдат начин на дневен ред да го стават и прашањето за проширување на Алијансата.

Министерот рече дека „Алијансата беше, е, и останува главен двигател на споделувањето на заедничките вредности на демократијата, на слободата, на правдата, на човековите права и слободи и на многу други општоцивилизациски вредности. Затоа денес, во ерата на мир и безбедност во Евроатлантската област, можеме да зборуваме дека заедничките вредности, соработката, нашите институции и нашиот начин на живот се од особена важност за сите нас“.

Според Џафери, интеграцијата на Македонија во НАТО е „заедничка обврска и главна политичка определба, интенција, цел и заслуга на сите политички партии, општествени чинители и граѓани“. Тој даде податок дека од 2002-ра година, над 3.300 војници на АРМ учествувале во меѓународните операции.

„Во моментов имаме распоредено 165 `амбасадори на мирот` во три меѓународни операции предводени од ООН, НАТО и ЕУ, а континуирано даваме и логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово. Планираме тоа ниво на придонес во меѓународните операции да го задржиме и после 2014 година“, рече на одбележувањето на Денот на НАТО министерот за одбрана, потенцирајќи дека Македонија ќе придонесува и во новата мисија „Одлучна поддршка“, по 2014 година, во рамки на заедничкиот СОФА-договор со НАТО и со партнерите.

Шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, полковникот Александар Александров денес истакна дека „НАТО е сојуз на целосно независни држави кои постојат и донесуваат одлуки како такви, а не во услови на лимитиран суверенитет“.
XS
SM
MD
LG