Линкови за пристапност

МВР распиша потерница за двајца од осомничените за убиствата кај Смилковското Езеро

  • Соња Трајковска
  • за Скопје

Волерс: „Правниот систем треба да постапува според правилата и законите, за граѓаните да имаат доверба дека се осудени вистинските лица“.

Македонската полиција распиша централна и меѓународна потерница преку Интерпол за двајца од осомничените за убиството на петмината кај Смилковското Езеро, кои се во бегство.

МВР на својата Интернет-страница ги објави фотографиите на Алил Демири (роден 1985-та) и Африм Исмаиловиќ (1980-та), против кои има поднесено кривични пријави за тероризам и се осомничени дека заедно со Агим Исмаиловиќ, кој е во притвор, се извршители на убиството од 12-ти април.

Претходно, МВР ги објави имињата и фотографиите на уште двајца од петорицата против кои се поднесени кривични пријави за тероризам и за помагање, а кои според сомневањата на полицијата им помогнале на Демири и Исмаиловиќ да избегаат во правец на границата кон Косово. Се работи за 54- годишниот Фејзи Азири и 24- годишниот Рами Сејди.

На сите петмина, судот им одреди 30- дневен притвор, колку што добија и уште четворица од 20-те уапсени во полициската акција „Монструм“ во вторникот наутро, кај кои полицијата наведе дека пронашла оружје и кои се товарат за кривично дело неовластено производство, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

На еден од уапсените, 60-годишната Фериде Билали од селото Отља, кумановско, и` е одреден домашен притвор поради лошата здравстевна состојба. Во нејзината куќа, според полицијата, било пронајдено најголемо количество оружје - муниција, куршуми, рамки за автоматска и полуавтоматска пушка, куршуми за пушкомитралез, радио-станици, маскирни униформи, амблеми, легитимациии и албум со фотографии со ознаки на УЧК.

Останатите десетмина уапсени, по 48-часовниот притвор се пуштени на слобода, откако Јавниот обвинител до Основниот суд Скопје 1 не достави барање за спроведување на истрага. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека овие луѓе нема да одговараат за тероризам.

„Нашите сомневања одеа во насока за евентуална нивна поврзаност со сторителите и нивните поддржувачи. Значи, од самиот почеток на истрагата ние имавме едни прелиминирани согледувања за бројот на сторителите“, рече Јанкулоска. Министерката кажа и дека сe` уште е рано да се говори за тоа дали терористите биле поврзани со некоја организација однадвор.

Американската амбасада во Скопје реагираше внимателно околу квалификациите за тоа кои се сторителите на петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро. Одговарајќи на новинарско прашање – дали Република Македонија се соочува со закана од исламски тероризам, амбасадорот Пол Волерс денес изјави дека во Амбасадата не се запознати со доказите за обвинетите лица, и дека прво ќе почекаат да ги видат.

„Низ светот има терористички настани, и ние самите бевме жртви на тероризам, и знам дека ова прашање тука се сфаќа сериозно. Ќе мораме да почекаме, да го видиме судењето и доказите. Ги следиме состојбите по ужасните убиства на 12-ти април, и искрено сочувствуваме со семејствата на убиените. Одблиску го следиме процесот, апсењата и истрагата, ќе ја следиме и судската постапка. Важно е да се почитуваат правилните процедури, за тие што го извршиле ова ужасно дело да бидат изведени пред правдата. Правниот систем треба да постапува според правилата и законите, за граѓаните да имаат доверба дека се осудени вистинските лица“, изјави амбасадорот Волерс.

XS
SM
MD
LG