Линкови за пристапност

Мини-реконструкција во македонската влада

  • Соња Трајковска

Macedonian goverment

Macedonian goverment

Нов министер за образование ќе биде Спиро Ристовски

Мини-реконструкција во македонската влада - по неполни две години, од функцијата заминува министерот за образование и наука Панче Кралев. Тој останува во владиниот тим, но како советник на премиерот за образовни прашања. Според информацијата од Владата, Кралев на овој ресор ќе го замени актуелниот министер за труд и социјална работа, Спиро Ристовски.

Иако информацијата за заминувањето на Кралев е обелодената денеска, откако предлогот е доставен до Собранието, одлуката е донесена многу порано, пред повеќе од еден месец, кога Кралев ја поднел својата оставка до премиерот Груевски.

„Ја користам приликава да Ве известам дека од лични и фамилијарни причини не сум во можност целосно и посветено да ги реализирам проектите кои се планирани за следниот период, за кои сум уверен дека ќе имаат значаен придонес во подобрувањето на севкупната состојба во образованието како и развојот на Македонија“, стои во оставката од 19-ти април.

32-годишниот Кралев беше на чело на образовниот ресор во клучните моменти, кога беа објавувани нови учебници, на кои јавноста и експертите имаа бројни забелешки, а годинава за првпат беше воведено и екстерното тестирање на учениците од основните и средните училишта. Овој проект наиде на спротивставени ставови, посебно за начинот на негово спроведување.

Кралев во оставката како лично најдраги проекти и, како што вели, „веројатно највредни ангажмани“ ги наведува „можностите најуспешните студенти да се дообразуваат на стоте најреномирани универзитети во странство, преземањето на литература од британскиот образовен систем и екстерното тестирање“.

На испразнетата фотелја во министерството за труд и социјална политика на местото на врсникот на Кралев, Спиро Ристовски, најверојатно ќе седне Диме Спасов, актуелен директор на Агенцијата за катастар во Скопје, кој има 28 години и е поранешен државен советник во Министерството за правда и директор на Агенцијата за млади и спорт, а и актуелен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО- ДПМНЕ.

Со мини-реконструкцијата се воведува уште едно министерско место без ресор. Предложен е Џери Наумов, кој би бил задолжен за привлекување странски инвестиции. Според владини извори, Наумов е човек со меѓународно искуство и работен ангажман во повеќе реномирани американски компании.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG