Линкови за пристапност

Џон Кери во мисија на градење коалиција против терористичката закана


Американскиот државен секретар е во Саудиска Арабија во напор за добивање регионална поддршка против ИСИЛ

Американскиот државен секретар Џон Кери е во Саудиска Арабија во напор да обезбеди арапска поддршка за коалицијата против милитантите од Исламската држава, откако претседателот Барак Обама се заложи дека ќе ги гони екстремистите каде и` да постојат, вклучувајки ја и Сирија.

Кери пристигна во Џеда, за разговори со официјални лица од неколку клучни арапски нации и Турција.

Виш официјален претставник од Стејт департментот објави дека Кери сака поголеми напори за запирање на протекот на пари до екстремистичките групи и оти сојузниците имаат потреба од зголемена армиска поддршка за извршување ноќни воздушни напади.

Претседателот Обама во обраќањето до нацијата во средата навечер подвлече дека придонесот од партнерите ќе биде обезбедување разузнавачки информации, хуманитарна помош и воздушна поддршка:

„Ова не е само наша битка. Американската моќ може да направи одлучувачка разлика, но ние не можеме да реагираме во име на Ирачаните, тоа треба самите да го сторат, ниту, пак можеме да го сториме тоа во име на арапските партнери во регионот. Затоа инсистирав дека дополнителните американски акции ќе зависат од формирањето на ирачката влада. Вечерва, со оглед на формирањето на новата влада и по консултациите со сојузниците во странство и дома со Конгресот, најавувам дека Америка ќе ја предводи широката коалиција да возврати на терористичките закани“, кажа претседателот.

Обама рече дека американската армија ќе цели врз мети на Исламската држава додека „ирачките сили ја спроведуваат офанзивата“.

САД ќе испратат 475 армиски советници во Ирак да помогнат со поддршката и обуката на ирачките и курдските војници, но Обама подвлече дека тоа нема да бидат борбени единици. Тој ја спореди кампањата со оние што САД ја вршат во изминатите години во Јемен и во Сомалија, кои вклучуваат воздушни напади против терористички цели, но не и распоредување американски копнени трупи.

XS
SM
MD
LG