Линкови за пристапност

Протест против цензурата во новиот закон за медиумите

  • Синиша Станковиќ

Медиумските синдикалци повикаа на еден час темница на медиумите преку Интернет. Надлежното министерство демантира дека се ограничува слободата на информирањето.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ) ги повика новинарите кои работат во информативните портали на Интернет, по повод утрешниот Меѓународен ден на слободата на печатот, да ги „затемнат“ на еден час своите медиуми и на тој начин да го искажат својот протест „поради опасните тенденции со нов закон за медиуми да се внесе информативен мрак на Интернет!?“. Дел од Интернет-медиумите веднаш прифатија тоа да го сторат од 11 до 12 часот во текот на утрешниот ден,.

Според ССНМ, Советот за човекови права при Обединетите нации го смета правото на слободен пристап до Интернет за човеково право, а македонските новинари и целокупната јавност се соочуваат со озаконување на цензурата, иако членот 16 од Уставот на РМ децидно ја забранува истата.

Со аргументи дека ќе се воведе ред во онлајн медиумската сфера, со новиот закон доаѓа сериозна опасност за политичка контрола, селекција, лиценцирање и цензура на онлајн медиумите...
„Со аргументи дека ќе се воведе ред во онлајн медиумската сфера, со новиот закон доаѓа сериозна опасност за политичка контрола, селекција, лиценцирање и цензура на онлајн медиумите... Од друга страна, Интернетот е неограничен ресурс за кој не важат државните граници и апсурдно е нашата држава да се обиде да регулира нешто што е глобална цивилизациска придобивка. Нагласуваме дека насоките во Европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги кои се користат како аргумент за Предлог-законот, се однесуваат пред сè на радиодифузерите, а не на Интернет медиумите“, смета ССНМ.

Според синдикалците, постоечките проблеми во сферата на Интернет-медиумите можат да се решат со спроведување на постоечките закони - за авторско право, за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како и со „интервенции во нив или со саморегулација во рамките на медиумската заедница“.

По повод повикот и протестот на ССНМ, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) потенцираше дека „во ниту еден дел од новиот закон не се содржи одредба (член или став) за регулирање, ниту ограничување на слободата на информирањето преку Интернет“. МИОА, на чие чело е министерот Иво Ивановски, реагираше дека во изминатиот период повеќепати било укажано дека со новиот Нацрт-закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги во делот на работењето на веб порталите и Интернет просторот „ќе се врши само евидентирање на порталите (правни субјекти, а не физички лица), но не и нивно регулирање“.

Според МИОА, во Нацрт-законот биле вградени сите директиви кои претставуваат стандарди во европските земји.

„Сите новински агенции и веб портали во иднина ќе мораат задолжително да имаат импресум, кој ќе биде поставен на видно место, а ќе даде информации и податоци за сопственичката, уредувачката и новинарската структура на медиумот“
„Дезинформациите кои се пуштаат во јавноста преку одредени медиуми, како и повикот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници до информативните веб-сајтови да ги „затемнат“ на еден час „во знак на протест поради опасните тенденции со нов закон за медиуми да се внесе информативен мрак на Интернет“, само штетат на процесот на јавната расправа која е во насока на донесување на квалитетен Закон за медиуми, што ќе ја подобри медиумската област во Република Македонија“, наведува МИОА, додавајќи дека „сите новински агенции и веб портали во иднина ќе мораат задолжително да имаат импресум, кој ќе биде поставен на видно место, а ќе даде информации и податоци за сопственичката, уредувачката и новинарската структура на медиумот“, што би придонело за поголема транспарентност на медиумот кон публиката.

Состојбата со функционирањето на демократијата во Македонија го илустрира и фактот дека Парламентарното собрание на Советот на Европа на дневен ред ќе има расправа посветена на Македонија, откако 21 европарламентарец, предводени од швајцарецот Андреас Грос, изразиле загриженост за македонските демократски институции, особено по инцидентот на 24-ти декември минатата година, кога обезбедувањето на парламентот среде седница ги исфрли новинарите, додека истовремено траеше насилното отстранување на пратениците од опозицијата. Во барањето на европарламентарците било наведено дека скандалот „открива сериозни проблеми со демократијата воопшто и парламентарната демократија посебно“ во Македонија.

Проблем во односот власт - медиуми гледа и организацијата Медиумско огледало, која во извештајот за локалните избори наведува дека голем број од македонските медиуми навивале за власта. Според нејзината анализа, „локалните избори поминаа во знакот на интензивна негативна и дисквалификувачка кампања на владејачката коалиција „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ спрема опозицијата, засилена националистичка реторика на политичките актери во Кичево и во Струга, директно вклучување на власта во изборната кампања во корист на владејачката коалиција и пристрасно информирање на поголемиот дел од медиумите повторно во полза на владејачката коалиција“.

Организацијата смета дека поведението на медиумите и на власта за време на изборите „недвосмислено ги потврдува констатациите на релевантните домашни, но и меѓународни институции и организации, како американскиот Стеј департмент, „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“, дека во Македонија слободата на медиумите секојдневно, засилено и драматично се влошува“.
XS
SM
MD
LG