Линкови за пристапност

Бутарис: Соседните држави треба да соработуваат


Солунскиот градоначалник при посетата на Скопје побара интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Грција

„Соседните држави треба да живеат заедно. Проблеми постоеле и ќе постојат. Ако се сака, тие можат лесно да се решат. Ако сите ставаат вода во ѓумот, ќе пијат сите“, изјави понеделникот во Скопје градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој со претставници од грчката Стопанска комора беше во посета на Македонија.

Одговарајќи на прашањето дали Грција на претстојниот самит на Европскиот совет ќе ги блокира македонските евроинтеграции, гостинот од Грција потенцираше: „Не сум политичар, ниту се занимавам со надворешна политика, но Грција не е таа која што го забранува влезот во ЕУ, туку Европската унија е таа која одлучува за тоа“.

Бутарис потенцираше дека сака да биде сфатен како градоначалник кој не е политичар, и кој, пред се`, сака да ја развие економската соработка меѓу Скопје и Солун. Иако не ги избегна ни политичките прашања, изјавувајќи дека политичарите треба да го слушаат гласот на народот кога донесуваат политички одлуки, градоначалникот на Солун пред претставниците на седумдесеттина македонски и стотина грчки компании во Стопанската комора пред се` побара интензивирање на економската соработка на двете земји. Според него, Македонците, зад Русите и Украинците, се најчести посетители и купувачи во Солун, и изрази желба и солуњаните „да го откријат Скопје“. Тој смета дека запознавањето треба да се изведе преку промоција на двата града и преку соработка на туристичките, трговските и образовните организации, како и преку средби на младите луѓе.

За инцидентите со оштетувањето на регистарските таблички на македонските грѓани во Грција за време на летните одмори, Бутарис потенцираше дека тоа не треба да биде пречка за соработка.

„Екстремисти постоеле и ќе постојат. Такво фанатично и екстремистичко однесување не треба да се толерира и треба да се отстрани, зашто зад нив не стои цела Грција“, рече Бутарис, според кого „Златна зора се докажа како криминална организација и најголемиот дел од нејзините членови се во затвор“.

Солунскиот градоначалник смета дека од естетска гледна точка, централниот скопски плоштад, дел од оспоруваниот проект „Скопје 2014-та“ бил пренатрупан.

„Има многу споменици на едно место. Тука е цар Самоил и многу други споменици и тоа не дава убава слика за плоштад. Мислам дека не треба сè да биде тука, но тоа е сепак ваш избор во кој не сакам да се мешам“, рече Бутарис.

Вест од посетата на грчките стопанственици што ги израдува македонските домаќини е дека железниците на Македонија и на Грција се договориле од март 2014-та да сообраќа редовна товарна железничка линија од Скопје до солунското пристаниште, кое, според гостите од Грција е „најконкурентно и најевтино пристаниште од Трст до Бургас и од Драч до Пиреја“.
XS
SM
MD
LG