Линкови за пристапност

Македонски пратеници на студиски престој во Конгресот


Македонски пратеници на студиски престој во Конгресот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00
Direct link

Македонски пратеници на студиски престој во Конгресот

Размена на искуства и паралела за работењето во Собранието и на Капитол хил

На покана на Конгресот, Националниот демократски институт и Меѓународниот републикански институт, македонски пратеници во Вашингтон разменуваат искуства со американските колеги за функционирањето на парламентарните комисии.

Еднонеделната обука во Конгресот за раководењето со комисиите во законодавното тело беше можност за шест претседатели на парламентарни комисии од Македонија - Илија Димовски и Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ, Реџаиљ Исмаили од ДУИ, Цветанка Иванова и Маријан Николов од СДСМ и независната пратеничка Ленче Николовска - да надоградат на искуството за методите и функционирањето на комисиите како значаен сегмент на парламентарната пракса.

Начините на јавните сослушувања, надзорните расправи со кои сме на самиот почеток на нивно имплементирање во Македонија, ќе ни помогнат во начинот - како Парламентот да ја има контролата врз спроведување на политиката во државата ...
Илија Димовски (ВМРО-ДПМНЕ)

„Она што овде го гледаме е прилично различно од Македонија. Во САД има претседателски систем, а во Македонија - парламентарна демократија. Сепак, начините на јавните сослушувања, надзорните расправи со кои сме на самиот почеток на нивно имплементирање во Македонија, ќе ни помогнат во начинот - како Парламентот да ја има контролата врз спроведување на политиката во државата“, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Кај нас во Македонија треба да се формира парламентарен институт, кој би бил во слична форма како истражувачкиот центар на Конгресот.
Маријан Николов (СДСМ)

„Разговараме за истражувачкиот центар на Конгресот. Кај нас во Македонија треба да се формира парламентарен институт, кој би бил во слична форма како истражувачкиот центар на Конгресот“, се надоврзува Маријан Николов од СДСМ.

„Ефектот од овие расправи е претежно медиумски. Се запознаваат граѓаните за какви прекршувања на закони или селективност во нивната примена има кај нас“, наведува Ленче Николовска, независна пратеничка.

„Собранието при надзорните расправи е орган кој не треба да потпаѓа под влијание да ја земе улогата на суд, туку да се задржи на рамките дека сведочењата ќе дадат одговор на прашања од членовите на комисиите, а јавноста да се произнесе за тоа“, коментира Реџаиљ Исмаили од Демократската унија за интеграција.

„Во Македонија практично почнуваме со пионерски чекори за одржување на надзорни расправи. Мислам дека има услови да се примени и во Македонија, затоа што со тоа ќе покажеме дека Парламентот е потребно, но и мора да си ја врши уставната надлежност за контрола на извршната власт“, истакнува Цветанка Иванова од опозиционата СДСМ.

Нејзиниот колега од владејачката ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски, истакна дека престојот во Вашингтон овозможил и друг облик на продлабочување на односите со своите колеги од САД: „Паралелно со основните цели на оваа посета, се остварува многу друга важна цел – повторно воспоставување и развој на односите меѓу членовите од македонскиот Парламент и од американскиот Конгрес. За време на нашиот престој, сретнавме околу 10-тина конгресмени, кој секој на свој начин, дава цврста заложба за унапредување на односите со Македонија“.

Народните избраници од власта и опозицијата, барем во Вашингтон беа согласни - дека ќе се вратат со корисни впечатоци од лулката на модерната демократијата што, се надеваат, ќе им помогнат во соработката во пратеничките клупи.
XS
SM
MD
LG