Линкови за пристапност

Македонија како членка на Советот за човекови права на ОН

  • Борјан Јовановски

Основен критериум при изборот на нови членки во Советот за човекови права на ОН е придонесот кој една држава го има во промовирањето и заштитата на човековите права.

За изборот на новите членки, Гласот на Америка на македонски јазик побара коментар од Мирјана Најчевска, која во Советот на ОН за човекови права е ангажирана како експерт од оваа област.

„Имајки предвид дека значаен број од постоечките и новопримените членки не го исполнуваат овој критериум, сметам дека Советот за човекови права не ги исполни очекувањата поставени во моментот на трансформација на Комисијата за човекови права во ова ново тело“, ни изјави Најчевска.

Изборот предизвика реакција на меѓународни организации што се бават со оваа проблематика. Хјуман рајтс воч се огласи против влегувањето на Кина, Русија, Саудиска Арабија, Виетнам и Алжир во телото во кое има место за вкупно 47 земји, наведувајќи дека тие имаат лош домашен учинок во однос на човековите права, што оневозможува да бидат корисни членки. Со сличен став беше и организацијата Ју-ен воч, со седиште во Женева, која се пожали и на примањето на Куба.

Најчевска има критички став и кон изборот на Македонија како членка во Советот.

„Според голем број извештаи направени од страна на меѓувладини и невладини - независни тела, Македонија се наоѓа во ретрограден процес во однос на промоцијата и заштитата на човековите права. Само како пример може да се спомнат: ограничувањето на слободата на изразување, родовата еднаквост, недискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, слободата на вероисповед... Како значајна пречка во остварувањето на човековите права се спомнува корумпираноста и политичката зависност на правосудните органи и полицијата и рудиментарниот развој на телата задолжени за заштита од дискриминација“, вели Најчевска за Гласот на Америка.

Таа смета дека во ваков контекст, многу тешко може да се замисли дека Македонија може да има позитивен удел во натамошниот развој на системот на промоција и заштита на човековите права.

Приемот на Македонија во ова тело според Министерството за надворешни работи, пак, е признание за Македонија за постигањата во сферата на човековите права, но и поттик за подобрување на состојбите. МНР, како што беше соопштено, е цврсто определено активно да придонесува во работата на ова еминентно тело на ОН.

Членството на Македонија во Советот за човекови права беше поздравено од Обединетата македонска дијаспора како можност за поефикасно делување на планот на подобрување на положбата на македонското малцинство во регионот.

Македонија својот мандат како членка на ова тело ќе почне да го извршува на 1-ви јануари 2014-та и ќе трае до 1-ви јануари 2016-та.
XS
SM
MD
LG