Линкови за пристапност

Дваесет години независна Македонија

  • Синиша Станковиќ
  • известувач Скопје

Дваесет години независна Македонија

Дваесет години независна Македонија

Првата честитка пред грандиозната прослава на празникот, пристигна од Литванија каде македонските кошаркари го постигнаа најголемиот успех досега со палсманот во четвртфиналето на ЕП

Под слоганот „20 години државност – 20 години независна Македонија, заедно под едно сонце“, Македонија денес прославува јубилеј на независноста на државата. Организаторите од Министерството за култура најавија величенствена прослава со околу 2.000 учесници кои на неколку локации во престолнината ќе настапуваат без хонорар - од патриотизам. Иако прославата на празникот минува без официјални гости од странство, кои не беа ни поканети, според одлуката на организаторите да се прославува „домашен јубулеј со домашни гости“, на вчерашната свечена академија во Македонската опера и балет, по повод јубилејот, присуствуваа голем број званици од политичкиот и општествениот живот на Македонија во последните две децении.

Во своето обраќање претседателот на Македонија Ѓорге Иванов истакна дека „по дведецениската независност, Македонија треба да се отвори политички, економски, инфраструктурно, медиумски и културно и да ги оствари стратешките цели - членство во НАТО, членството во Европската унија, бидејќи формалното приклучување на земјава кон европското и евроатлантското семејство ќе биде почеток на крајот на сите обиди за негирање на нашето постоење“. На академијата на која присуствува и претседателот на Собранието Трајко Вељановски, премиерот Никола Груевски, членови на Владата, на Парламентот, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници, Иванов потенцираше дека треба „да се искоренат перцепциите дека сме мали, обесправени и негирани, бидејќи ние сме историска и современа реалност, имаме своја држава, права и иднина. Утрешниот роденден на Македонија да биде за гордост, достоинство, самопочит, за љубов кон неа, ден кога со гордост ќе си спомнеме за сите наши претци и за нашето минато, но и кога во недоглед ќе ја гледаме нашата иднината. Утре нашата татковина Македонија слави две децении од својата независност. Слави две децении од животот во слобода и демократија„.“

Инаку денес, во текот на денот, државна делегација положи свежо цвеќе на гробовите на првиот премиер во независна Македонија, Никола Кљусев, и на загинатиот претседател Борис Трајковски, беше пуштена во употреба новата автопатна делница Табановце – Куманово како дел од Коридорот 10, во МАНУ беше одржана промоција на едицијата „130 тома македонска книжевност“, преведена на англиски јазик, а претседателот на парламентот Вељаноски имаше средба со членовите на Комисијата за спроведување на референдумот од 8 септември 1991 година за изјаснување на граѓаните на Македонија за прашањето на суверена и самостојна Македонија, но сепак, најголема честитка на граѓаните на Македонија им стигна од Литванија каде македонските кошаркари ја победија Грузија и се пласираа во четвртфиналето на Европскиот шампионат, како шлагворт на грандиозната прослава која е планирана за вечерните часови.

Централната прослава ќе почне во 18 часот, пред Собранието на Република Македонија, со предавање на Декларацијата за независност на Гардата на АРМ, која ќе ја проследи до новиот Музеј на македонската борба. Голема поворка од над 1.000 деца кои низ Портата Македонија „симболично ќе зачекорат низ слободната иднина на Македонија“,ќе помине покрај спомениците на Методија Андонов-Ченто, царот Самуил и Јустинијан, Гоце Делчев, Даме Груев и на солунските атентатори. Потоа, претседателот Ѓорге Иванов треба да ја положи декларацијата во новиот Музеј на македонската борба, а театарскиот ораториум Непокор со актери од целата земја и музичко-сценскиот спектакл Македониум, во кој ќе учествуваат над 300 уметници на сцена долга 40 метри, ќе биде кулминација на прославата. По обраќањето на премиерот Никола Груевски ќе биде пуштена во употреба фонтаната со големиот споменик на Александар Македонски (Воин на коњ).

Вечерашната прослава според најавитеќе ја бојкотираат претставниците ина макеоднксиот и на албанскиот дел од опозицијата кои сметаат дека „ВМРО-ДПМНЕ ја присвоила и партизирала прославата“ (СДСМ) и дека „власта ги дискриминира Албанците“ (ДПА). Но, и покрај отуството на официјални лица од странство, меѓу бројните честитки од странските лидери на држави и на влади, медиумите ја потенцираа честитката на државниот секретар на САД Хилари Клинтон, која потенцираше дека САД се горди што го поддржале развојот на Република Македонија и нејзината транзиција во изминатите 20 години и дека „и денес остануваме посветени во напорите да и помогнеме во подобрувањето на владеењето на правото, образованието, промоцијата на медиумската слобода и изградбата на силни демократски темели на едно целосно интегрирано мулти-етничко општество. Додека славите со своите семејства, пријатели и сакани, знајте дека САД се ваши партнери и пријатели“, пишува госпоѓа Клинтон.

Во еуфоричната атмосефра имаше и поинакви реакции. „Целиот систем на популистичките етно-диктатури е концепт на нов почеток и славење на минатото со селективна конструкција на големи, славни, златни периоди“, изјави професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски. Покрај Фрчкоски, за начинот на организирање на прославата реагираше и опозициониот лидер Бранко Црвенковски кој ја нарече „промиоција на споменици“, но и официјална Атина, зашто за време на својата блаканска турнеја во која го одмина Скопје, шефот на грчката дипломатија Ламбриндис во интервју за хрватски „Вјесник“ потенцираше дека „подигањето споменици во Скопје е провокација, не само што е навреда за грчките граѓани туку влева и сомнеж за искреноста на намерите на Скопје во актуелниот преговарачки процес и таквото однесување ги крши добрососедските односи“. За време на посетата на Белград, Ламбринидис пак истакна дека не треба „да не се препишува туѓата историја, туку заедно да пишуваме нова“.

Според него, „Името што содржи географска одредница на терминот Македонија е нешто што мојата земја го има кажано како неопходно за да постои договор. Исто така треба да биде име кое ќе го користат сите, значи нема некој да и се обраќа на земјата со едно име, а друга земја со друго име – ќе биде за секакви употреби. Тоа е еден разумен компромис“.

XS
SM
MD
LG