Линкови за пристапност

Сенатори бараат од Обама појаснување за целта во Либија


Сенатори бараат од Обама појаснување за целта во Либија
Сенатори бараат од Обама појаснување за целта во Либија

Со иницијатива поднесена во Конгресот се врши притисок за отчет на американскиот претседател

Двајца виши американски законодавци Линдзи Грем и Џо Либерман го повикаа претседателот Барак Обама на американската јавност и на Конгресот јасно да каже што сакаат САД да постигнат во Либија. Сенаторот Либерман рече дека ако претседателот Обама е појасен за американските цели во Либија, ќе добие поголема конгресна поддршка за американското учество во воената кампања на НАТО.

Републиканците и демократите се лути на претседателот Обама затоа што не побарал конгресно одобрување пред интервенцијата во Либија.

На крајот од минатиот месец, лутината беше изразена во форма на гласање во Претставничкиот дом кој е под контрола на Републиканците – еднаш да се авторизира американската воена акција во Либија и втор пат, да престане финансирањето на американските воени операции во таа земја.

Обете мерки доживеаја неуспех. Но, во вторник се очекува уште едно гласање во Конгресот на истата тема.

Зборувајќи за неделната програма на Фокс Њуз, сенаторот Џо Либерман, независен демократ од Конектикат, вели дека администрацијата на Обама треба појасно да ги претстави целите на мисијата во Либија:

„Иако во повеќе наврати актуелната администрација соопшти дека не е заинтересирана за смена на либискиот лидер Моамар Гадафи, изгледа се работи токму за тоа. Се работи за смена на режим и ослободување на либискиот народ од брутално диктаторство“, кажа тој.

Либерман верува дека либискиот лидер Моамар Гадафи ќе се повлече од функцијата ако САД цврсто застанат зад напорите на НАТО, и додаде дека тоа би бил вистински чекор напред: „Комликувано е. Но, немаше да има толку противење за нашата акција во Либија, ако имаше силен аргумент зошто сме во Либија“, додава Либерман.

Републиканскиот сенатор Линдзи Грем од Јужна Каролина исто така се појави во емисијата на Фокс Њуз и рече дека смената на Моамар Гадафи од власт е мошне важен елемент:

„Ако целта е да се заштити либискиот народ и нивните основни човекови права, најдобар начин да се` стори тоа е да се раскине внатрешниот круг околу Гадафи и да се отстрани самиот тој“, вели сенаторот од Јужна Каролина.

Републиканскиот сенатор Џон Корнин од Тексас во истата емисија рече дека политичка и воена цел треба да биде смена на либискиот лидер:

“Потребен ни е план од претседателот – не префрлање на НАТО, како тоа да не е наш проблем. Потребно е американскиот народ да ја знае целта, со што ќе бидеме пообединети зад напорите“, цени сенаторот од Тексас.

Бунтовништвото во Либија за смена на Моамар Гадафи за ставање крај на четиридецениското автократското владеење влегува во петиот месец и нема знаци за брзо окончување. Западните сили ги поддржаа бунтовниците во барањата за смета на режимот на Гадафи и одобрија воздушни напади на НАТО за да спречат напади од неговиот сили врз либиски цивили.

На крајот од јуни, анкета на Галуп покажа дека 46 проценти Американци не одобруваат воена акција во Либија, додека со неа се согласуваат 36 отсто. Петнаесет проценти испитаници немаат мислење за ова прашање.

XS
SM
MD
LG