Линкови за пристапност

Волебек: Малку треба за меѓуетнички пожар!

  • Борјан Јовановски

Волебек: Малку треба за меѓуетнички пожар!

Волебек: Малку треба за меѓуетнички пожар!

Високиот претставник за национални малцинства на ОБСЕ во посета на Македонија по последните настани во Струга

Високиот претставник за национални малцинства на ОБСЕ Кнут Волебек изрази загриженост за неодамнешните инциденти во Струга што ја зголемија напнатоста во меѓуетничките односи.

„Загрижени сме за неодамнешните инциденти во Струга и струшко, но не мислам дека ситуацијата треба да се драматизира“, рече претставникот на ОБСЕ.

Во изјава за Слободна Европа, Волебек додава дека „медиумите треба да внимаваат како ги презентираат актуелните состојби во државата и да не ги прават работите полоши отколку што се`“.

„Мислам дека сето ова е пример што ни кажува дека е потребно многу малку за да се предизвика пожар во оваа земја поради тензиите што веќе постојат. Затоа е важно сите - владата, локалната самоуправа, медиумите, невладините организации да ги подвлечат и акцентираат суштинските проблеми поврзани со меѓуетничките тензии“, рече Волебек.

Тој во Скопје се сретна со шефот на државата Ѓорѓе Иванов и премиерот Никола Груевски.

Претседателот Иванов порачал дека Македонија покажала дека е можен напредок на речиси секое поле на соживотот. Како што соопшти неговиот Кабинет, тој му се заблагодарил на Волебек за ангажманот и поддршката што ОБСЕ ја дава во унапредување на односите меѓу етничките заедници во Република Македонија и истакнал дека земјата останува успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење односи на почитување и соработка меѓу разните етнички заедници.

По средбата со премиерот, Владата соопшти дека Груевски го информирал Волебек за политиките што ги презема Владата на Република Македонија, особено во контекст на спроведувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој, според премиерот, претставува еден од нејзините приоритети.

„Двајцата соговорници заклучиле дека сите општествени фактори треба да продолжат да работат на унапредување на процесите на меѓуетничка соработка и интеграција, што има за цел понатамошно зајакнување на севкупните односи во македонското општество, како и превенција на одредени предизвици кои повремено се појавуваат на овој план“, стои во соопштението.

Волебек се обрати и пред парламентарниот Комитет за односи меѓу етничките заедници, од кој побара активен ангажман во смирувањето на тензиите и зацврстувањето на мултиетничкиот карактер на државата во сите сфери.

Посетата на Кнут Волебек во Македонија доаѓа по неколкуте инциденти во Струга и струшко - сквернавање на верски објекти, како и засилен говор на омраза од етнички карактер.

XS
SM
MD
LG