Линкови за пристапност

Македонија се прости од Глигоров


Македонија се прости од Глигоров
Македонија се прости од Глигоров

По свое барање, погребан без државни и црковни почести.

Македонија се прости од Киро Глигоров. Човекот кој беше сведок на растот на македонската државност, првиот претседател на независна Република Македонија, кој ја водеше земјата од мирното раздружување од поранешната југославенска федерација и ја водеше битката за етаблирање на младата независна Македонија, беше погребан напладне, во Алејата на великаните, без државни и црковни почести, со граѓанска церемонија во кругот на своето семејство, роднини и пријатели.

Единствен знак дека земјата тагува беа знамињата на половина копје и еднодневната жалост во државата. Семејството на Глигоров остана доследно на неговата последна лична желба, погребот да биде далеку од очите на јавноста.

Капелата на градските гробишта Бутел беше претесна да ги собере сите оние кои сакаа да му го кажат последното збогум на човекот за кого често се говореше како за татко на нацијата: претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, партиска делегација од СДСМ, чиј член беше Глигоров, претставници на дипломатскиот кор и личности од јавниот живот и академската заедница, но и граѓани..

„Претседателот Глигоров е голем човек и важна фигура за историјата на оваа држава. Ако го погледнете неговиот живот и биографија стоеше исправено покрај многу големи настани од 20-от век. Роден е во првата светска војна. Ја водеше Македонија низ почетоците и тешките години од независноста. Македонските граѓани му се должни затоа што ги предводеше во тешки времиња и постави пример за лидерство, прагматизам одлучност и истрајност во потешкотиите за да се постигне висока цел”,изјави амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.

„Беше човек што умее со луѓето. Ги убедуваше постојано, некогаш дури и со часови, се` додека не стигне до најдоброто решение. Имаше некаква интуиција, и, се разбира, визија за Македонија“, вели Димитар Мирчев универзитетски професор.

Со комеморативната седница во Парламентот, политичките претставници се простија од човекот кој прв ја прогласи независноста на Македонија, и кој прв прозборе на македонски јазик во ОН.

„Животот на Киро Глигоров беше историја на македонската држава. Во еден ист човечки живот, да се биде соработник и на Шатев и на Влахов, и на Панко Брашнаров и на Ченто, да се биде и на АСНОМ и на основањето на независната република 47 години подоцна. На 74-годишна возраст да се застане на чело на државата. Тој беше еден од протагонистите на независноста. Затоа, сакам да им порачам на членовите на семејството на поранешниот претседател: бидете горди на Киро Глигоров, како што и македонскиот народ е горд на своите великани. Македонскиот народ секогаш знаел да ги слави и вреднува сите оние што тоа го заслужуваат“, рече претседателот Иванов.

Нарекувајќи го Глигоров свој учител, пријател и голем човек, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски комеморативната седница во партијата, го опиша својот долгогодишен соработник како искрен македонски патриот и споменик за цела епоха.

„Киро Глигоров беше сам за себе историја што чекори, ем жив човек, ем споменик за цела една епоха. Како никој друг со својата личност и придонес ги поврза двата столба на современата македонска државност-АСНОМ 1944-та и 8-ми септември 1991-ва. Република Македонија под лидерство на Киро Глигоров се избори за својата независност и меѓународно признавање без војна и крвопролевање, единствена од сите републики на поранешна Југославија. Па само ова е доволно да се стане мит, да се стане легенда“, рече Црвенковски.

За граѓаните до доцна вечерва беше отворена Книга на жалост во вилата Водно, а за утре е најавено отворање на уште две книги на жалост во народни канцеларии во близина на градските плоштади на Скопје и Тетово.

XS
SM
MD
LG