Линкови за пристапност

Светската и Европската новинарска федерација бараат заштита на правата на македонските новинари

  • Синиша Станковиќ
  • известувач Скопје

Светската и Европската новинарска федерација бараат заштита на правата на македонските новинари

Светската и Европската новинарска федерација бараат заштита на правата на македонските новинари

Два провладини медиуми испратија барање до владата да се однесува одговорно и демократски

„Македонските новинари се под огромен притисок од политичарите и сопствениците на медиумите и неодамнешните настани покажуваат дека државата ја достигнала точката во која едноставно станува неподносливо да се работи слободно во новинарството“, се вели во изјавата на претседателот на Меѓународната федерација на новинари, Џим Боумела, која ја пренесоа дел од македонските медиуми.

Меѓународната и европската новинарска асоцијација, кои ги поддржаа борбата и протестот за слобода на печатот и правата на новинарите во Македонија, сметаат дека македонските власти мора да преземат итни мерки за подобрување на законодавството и за примена на законите на неселективен начин, за да се спречи новинарите да бидат отпуштани од сопствениците на медиумите со заобиколување на стандардните процедури со цел да се ослободат од оние кои зборуваат против кршењето на основните права.

Според претседателот на Европската федерација, Арне Кониг, Македонија во последните години покажува лоши резултати во однос на слободата на новинарството. „Ние сме загрижени што држава кандидат за членство во ЕУ не работи сериозно на основните права, како што е слободата на пeчатот. Ние се надеваме дека Европската Комисија ќе ја земе предвид нашата загриженост при процената за напредокот на земјата кон ЕУ и ги повикуваме македонските власти да ги почитуваат стандардите за слободата на печатот и новинарските права“.

Порталот „Плусинфо“ го пренесе и ставот на аналитичарката на Амнести Интернешнл, одговорна за Македонија и Србија, Шоун Џонс, дека новинарите во Македонија се плашат од целосна репресија врз нивната слобода на изразување. Таа за Дојче Веле, потенцирала дека одделни медиуми добиваат директни информации од државните институции, а од друга страна, станува екстремно тешко за медиумите кои ја критикуваат Владата. „Има новинари кои се критичари на власта и се плашат дека со мерките кои се спроведуваат, вклучувајќи ги и овие обвинувања и процеси, се ограничува слободата на изразување. Затоа, ќе му кажам на господинот Груевски: Ве молам, осигурајте дека нема да има други напади на слободата на новинарите, за да известуваат и нивните погледи да бидат познати, иако тие се во контрадикција со Владата, бидејќи тоа е знак на здрава ситуација со човековите права. Така што, ако господинот Груевски е посветен на плурализмот, тогаш има мерки кои може да ги преземе за да осигура дека слободата на изразување продолжува“, изјавила Џонс.

Но, додека странските организација, институции, синдикати и асоцијации реагираат поради состојбата во македонските медиуми и ги поддржуваат протестите на македонските новинари како понеделничкиот протестен марш за солидарност и за заштита на работните места, за независно, професионално и етичко новинарство како камен-темелник на демократијата и слободата, во Македонија се продлабочува судирот на сопствениците на медиумите со спротвставени политички опции. И додека претседателот на ЗНМ Насер Селмани во понеделникот потенцираше дека новинарите од никого не бараат милост, „туку бараме да се почитуваат нашите работнички права кои се гарантирани со закон, не бараме никој од нас да се сожалува, туку инсистираме надлежните органи, инспекциите и УЈП да го спроведуваат законот целосно и неселективно", денес ТВ Сител и дневниот весник „Вечер“ кои припаѓаат на различни сопственици, но ги уредуваат исти новинари на уредничките функции и ја застапуваат истата, провладина политичка опција, испратија јавно обраќање до Владата на Република Македонија.

Во соопштенијата испратени и до дипломатско претставништво на ЕУ, Канцеларијата на ОБСЕ, амбасадите на САД, Германија, Франција и на Велика Британија, на Амнести интернешнел, на Европската асоцијација на новинари и на ЗНМ, ТВ Сител и „Вечер“ реагираат поради низата „манипулации и притисоци кои се адресирани кон Владата на Република Македонија, а кои, доколку би се реализирале, би создале штетни последици по слободата на јавното информирање, како и законска и пазарна неравноправност на медиумите“.

ТВ Сител и „Вечер“ во соопштението го обвинуваат притворениот сопственик на ТВ А1, Велија Рамковски дека телевизијата и неговите печатени медиуми, работат вон законот, не плаќаат даноци и дека вршат „уцени и рекет на маркетинг агенции и пласирање на бесплатни весници за чие излегување не се плаќаат основни даноци“..

Раководствата на двата медиума потенира дека сакаат ТВ А1 „да продолжи да работи. Да најде пари да ги плати своите даноци, или нов сопственик кој ќе работи согласно законот. Сакаме да работи, но не на наша штета, и како закана за правниот и даночен систем.... Со верување дека сте Влада на сите граѓани, ве потсетуваме на Вашите законски обврски, и очекуваме да се однесувате одговорно и демократски“, се вели во реагирањето на двата провладини медиума до Владата.

XS
SM
MD
LG