Линкови за пристапност

Македонија останува партнер на НАТО

  • Синиша Станковиќ
  • известувач Скопје

Адмиралот Џејмс Ставридис во Скопје го пофали напредокот кон членството во Алијансата.

„Се` додека НАТО е дел од меѓународните мировни мисии, Република Македонија останува кредибилен партнер", изјави македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими по средбата со адмиралот Џејмс Ставридис, командантот на Сојузничката команда на НАТО во Неапол.

На разговорите, според кажаното на прес-конференцијата, било споменато дека Македонија ќе го почитува принципот на мировните мисии - „Заедно внатре, заедно надвор“. Министерот Бесими го брифирал адмиралот за реформите во одбраната, за новата формациска структура на македонската армија; за исполнувањето на партнерските цели заеднички поставени со земјите-членки на НАТО на среден и долг рок и за предвидениот буџет за развој на одбраната, вклучувајќи ја и модернизацијата на АРМ.

Адмиралот Ставридис ја пофали подготвеноста на АРМ, а со домаќините во Скопје разговарал и за продолжување на градењето на стратешкото партнерство.

„Сметам дека треба да продолжиме да работиме заедно во соочувањето со предизвиците што ги носи 21-от век. Сакам да го пофалам успехот и напредокот во земјата на патот кон членството во НАТО", рече адмиралот Ставридис, кој и` се заблагодари на Македонија за учеството во мировните мисии на Алијансата.

За време на посетата на Скопје, Ставридис ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Иако ниту од адмиралот Ставридис, ниту пак од Брисел, и денес не стигна охрабрувачка вест дека Алијансата можеби би ја променила одлуката за зачленувањето на Македонија, македонската дијаспора е оптимистички расположена дека се` уште постојат шанси земјата да биде ставена на дневен ред на самитот на НАТО во Чикаго.

Иселениците интензивно собираат потписи за петицијата што ќе биде доставена до американскиот претседател за зачленување на Македонија во НАТО под референцата БЈРМ, а организацијата Обединетата македонска дијаспора (ОМД) својот оптимизам го базира врз пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. Според претседателот на ОМД Мето Колоски, кој денес одржа прес-конференција во Скопје, дијаспората има сознанија дека ќе има состанок за проширување со земјите кои сакаат да станат членки, но не се знае каква одлука ќе биде донесена. Тој потенцираше дека во ОМД се оптимисти и очекуваат самитот сепак да заврши успешно со одлука за проширување и за безбедна Европа.

Според Колоски, се зголемува поддршката за Македонија меѓу членките на НАТО, а македонските иселеници постојано лобираат во американскиот Конгрес. Тој истакна дека иселениците очекуваат американскиот Сенат следниот месец да го изгласа предлог-законот на сенаторот Ричард Лугар, со кој од претседателот Барак Обама се бара пред самитот на НАТО да подготви план за прием на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија.

XS
SM
MD
LG