Линкови за пристапност

Иран започнал да збогатува ураниум под земја


Иран започнал да збогатува ураниум под земја
Иран започнал да збогатува ураниум под земја

Тврдат дипломати поврзани со меѓународното набљудување на нуклеарните програми.

Дипломати во Виена наведуваат дека Иран започнал да збогатува ураниум во комплекс каде материјалот може бргу да стане погоден за евентуална употреба во нуклеарна бомба.

Дипломати поврзани со процесот на меѓународно набљудување на нуклеарните програми понеделникот навестија дека во иранските центрифуги во подземниот комплекс Фордо, близу светиот град Ком, се рафинира ураниум со чистота од 20%. Веста ја зголеми загриженоста на меѓународната заедница дека Иран развива програма за атомско оружје. Официјален Техеран, пак, тврди дека има мирољубиви нуклеарни амбиции.

Комплексот Фордо се наоѓа под планина, со што е добро заштитен од потенцијални воздушни напади на земјите кои се против иранската нуклеарна програма. Иран претходно соопшти дека се подготвува да ги префрли операциите за збогатување на нуклеарниот материјал во Фордо, од надземниот комплес во градот Натанц во централниот дел на земјата.

Според властите во Техеран, нуклеарната програма е наменета за создавање на електрична енергија и медицински истражувања. Поголемиот дел од активноста во Натанц беше поврзана со рафинирање на ураниум на релативно ниско ниво со чистота од 3,5%. Збогатувањето на ниво од 20% во Фордо би можело да го скуси времето потребно Иран натамошно да го рафинира материјалот до чистота од 90%, потребна за нуклеарно оружје.

САД и нивниот сојузник Израел не ја исклучуваат можноста од воена акција за да ја запрат програмата, бидејќи се сомневаат дека таа служи за развивање на способност за изработка на нуклеарно оружје. Израел смета дека нуклеарно-способниот Иран претставува закана по опстанокот на еврејската држава.

XS
SM
MD
LG