Линкови за пристапност

Македонија се наметнува на светската инвестициона карта


Интервју со премиерот на Република Македонија Никола Груевски за бизнис-форумите во САД

Премиерот Груевски гледа драстично подобрена бизнис клима во Македонија. За досегашното отсуство на инвестиции, пак, смета дека се должи на глобалната рецесија. Во интервјуто дадено за Гласот на Америка непосредно по бизнис-форумот во Мајами, тој одби да одговори на прашања за актуелната политичка ситуација во Македонија, со образложение дека на таа тема нема да коментира се` додека не се врати во земјата.

Глас на Америка: Премиере, зошто да се инвестира во Македонија?

Никола Груевски: Има повеќе причини, јас ќе кажам неколку. Затоа што Македонија има одлична бизнис-клима, на 22-ро место во светот, а пред само шест годни бевме на 96-тото место. Во последните 5-6 години сме меѓу првите 3-4 топ-реформатори во светот, прогласени од Светската банка. Значи, драстично подобрена бизнис-клима, како за домашните, така и за странските инвеститори. Второ, договори за слободна трговија со сите земји во светот и можност Македонија да се одбере како локација за бизнис за да се покрие цела Европа, но и можност да се покријат други континенти. Трето, здрава макроекономска политика. Четврто, најниски трошоци за правење бизнис, најниски даноци, конкурентни трошоци во другиот дел, ретка можност во Европа да најдете толку едуцирани луѓе за толку ниски трошоци, подготвени да се приклучат на некоја компанија, договори за слободна трговија со сите држави во Европа, ниска инфлација, една од најниските задолжености во Европа.

Глас на Америка: Кои области или сфери од македонската економија нудат простор за најголема заработувачка кај потенцијалните инвеститори?

Никола Груевски: Најчесто, Македонија ја бираат компании од сектори каде конкурентноста е огромна и каде што бараат колку што е можно пониски трошоци, и, истовремено, висококвалификувани луѓе. Тоа се најчесто од делот на автомобилската индустрија, во делот на електрониката, како што е „Кемет електроникс“ од САД, електронски делови од автомобилската индустрија, има од фармација, заинтересирани компании од ИТ-секторот. Гледате и во Македонија од каде доаѓаат инвеститорите. Доаѓаат за производство на автобуси, автоделови, производсвто од областа на хемиската индустрија.

Глас на Америка: Според Дуинг бизнис, Македонија е лидер не само во регионот, туку и во светски рамки, судејќи според спроведените реформи во бизнис-сферата. Но, истовремено, нема доволен број на странски инвестиции, како кај соседите. Зошто?

Прво се создаваат услови за да има што да рекламирате

Никола Груевски: Делумно се должи на глобалната рецесија, пред се на европската рецесија, делумно затоа што Македонија во минатото ја немаше на инвестиционите карти. Тоа што сега го правиме е во последните неколку години. Ниту Македонија ги имаше овие услови, ниту пак имаше презентација на вакви услови, зато што не беа добри за да се прави презентација. Вие бевте на презентацијата денеска и ако го прегледате Вашиот снимен материјал, ќе видите дека 99 отсто од тоа што го кажаме е направено во последните 4- 5 години. Ниските даноци, Договорите за слободна трговија, ниски трошоци во други делови за водење бизнис. Во последните 5-6 години се воведени низа нови мерки како регулаторна гилотина, намалените комуналии за градење индустриски објекти и хотели, „едно евро“ почетна цена за земјиште за индустриски објекти... Затоа сега почнавме посебна промоција, за информација да допре до многу компании, затоа што ти не знаат. Ние имаме глобално реклами на Си-Ен-Ен, на телевизии во Турција, Холандија и други земји, но тоа се само промотивни клипови од 30 секунди, во (нив, н.з.) нешто може да (се, н.з.) каже, нешто не може, а друго е кога директно ќе дојдете, ќе им го презентирате пред нив и ќе им дозволите да ви постават прашање. Тоа е друга димензија. Прво се создаваат услови за да има што да рекламирате.

Интервју со премиерот Груевски за Гласот на Америка на македонски

Интервју со премиерот Груевски за Гласот на Америка на македонски

Глас на Америка: Како може дијаспората да ѝ помогне на татковината?

Никола Груевски: За дијаспората, можат да инвестираат луѓе кои веќе се етаблирани таму каде живеат, каде веќе знаат како се прави бизнис, кои се успешни во тој дел. Вие не можете да очекувате дијаспората да инвестира ако нема добри услови. Ако веќе има добри услови, а тоа веќе сите го препознаваат, вклучително и Светската банка, Форбс и останати, тогаш тоа го препознава и дијаспората. Не можеме да очекуваме дијаспората да инвестира само заради патриотизам, затоа што ја сакаат Македонија. Тие треба да направат профит. Сега се создадени добри услови за правење профит, и оние кои се добро етаблирани лица во бизнисот, можат да го направат тоа. Не може да очекувате секој од дијаспората да инвестира, од некој кој никогаш не водел бизнис или пак тоа го правел на локално ниво. Но, тие можат да ни помогнат на друг начин – за лобирање за Македонија, одржување контакти, но може да инвестираат само оние кои веќе направиле добар бизнис и знаат како да го прават тоа. Најчесто инвестираат луѓе кои пробале да прават бизнис во земјите каде живеат и биле успешни во тоа.

Не можеме да очекуваме дијаспората да инвестира само заради патриотизам, затоа што ја сакаат Македонија. Тие треба да направат профит

Глас на Америка: Колку финансиската и економска криза со презадолженоста во Грција влијае врз забавувањето на разговорите за името?

Никола Груевски: Влијае. Значително. Грција тоа го користи како алиби пред другите меѓународни партнери и тоа е проблем. Едното е алиби, а второто е што реално е дефокусирана. И, трето, затоа што и други знаат дека е дефокусирана и има проблеми, тоа земјата дополнително го користи за одредено алиби.

Глас на Америка: Дали пролонгирањето на преговорите за името меѓу Македонија и Грција негативно се одразува врз привлекувањето на странски инвестиции?

Никола Груевски: Ако тоа го ставиме во контекст на членство во ЕУ и НАТО, особено за ЕУ, може да се каже дека неповолно влијае. Меѓутоа, има пак многу компании кои велат дека токму тоа им се допаѓа што не сме членки на ЕУ и НАТО, затоа што знаат дека со влегувањето во ЕУ ќе се зголеми конкуренцијата, ќе има поголем интерес, и за нив нема да биде толку атрактивно да се инвестира со ниските трошоци. Но, генерално, за нас е добро што е можно побрзо да влеземе во ЕУ и НАТО, затоа што продобивките од тоа ќе бидат поголеми.
XS
SM
MD
LG