Линкови за пристапност

Претседателот на судот прифати средба со новинарите

  • Синиша Станковиќ

Барањето го поднесе Иницијативниот одбор за ослободување од притвор на новинарот Томислав Кежаровски

Иницијативниот одбор за ослободување од притвор на новинарот Томислав Кежаровски, кому по спектакуларното апсење во полициската акција „Ликвидација“ минатата недела му беше одреден 30-дневен притвор поради наводно откривање на идентитет на заштитен сведок во „Случајот Ореше“, денеска поднесе барање за прием кај претседателот на Кривичниот суд - Скопје, Владимир Панчевски.

„Сакаме да го информираме господинот Панчевски дека новинарот Кежаровски, ако се брани од слобода во случајот за кој е осомничен, ќе биде достапен на правдата. Нема потреба од негово притворање, бидејќи случајот е стар пет години - тој ниту може да влијае на сведоците, ниту може да влијае на јавноста, како што вели судот“, изјави по повод случајот Зоран Димитровски, главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, весникот во кој работи Кежаровски.

Во иницијативниот одбор се колеги на Кежаровски кои сметаат дека при одредувањето на мерката притвор биле прекршени Уставот, законите и правната процедура. Новинарот, заедно со истражниот судија во „Случајот Ореше“ за убиството на Лазар Милошевски, е осомничен за оддавање информации и податоци за сведоците-соработници на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивни блиски.

Во барањето за прием, Иницијативниот одбор наведува дека „заштитениот сведок „Бреза“, Златко Арсовски, во февруари годинава на третото повторено судење за случајот „Ореше“ на рочиштето во скопскиот суд самиот го разоткри својот идентитет, откако и официјално му била симната заштитата. Притоа, Арсовски изјави дека додека бил на отслужување затворска казна, луѓе од полицијата со уцени и закани го принудиле да сведочи против обвинетите за убиството во случајот „Ореше“, иако не знаел ништо за убиството. Судот по неговото сведочење донесе ослободителна пресуда за двајцата обвинети. Според тоа, т.н. заштитен сведок, според сопственото признание, кое очигледно го уважил и судот, донесувајќи ослободителна пресуда за обвинетите, бил лажен, измислен сведок“.

Судот денес испрати одговор преку соопштение по повод барањето на новинарите, според кое „во врска со барањето за прием на Иницијативниот одбор на новинари, а по однос на истражниот предмет на овој суд КИОК.бр. 41/13 во кој е обвинет новинарот Томислав Кежаровски, Претседателот на судот во присуство на претставници на Канцеларијата за односи со јавност закажува средба за ден 04.06.2013 година - вторник во 14,30 часот во просториите на Основниот суд Скопје I Скопје со одговорните лица на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Кежаровски, односно со најмногу тројца претставници на одборот“.

И меѓународната асоцијација „Репортери без граници“ апелираше за итно ослободување на новинарот Кежаровски, и ја повика делегацијата на ЕУ во Скопје „да ја сензибилизира македонската Влада околу ваквите барања и да бара, и тоа јавно, Кежаровски да биде веднаш ослободен“.

Апелираме за итно и безусловно пуштање на Кежаровски, бидејќи тој е затворен врз основа на невистинита причина. Неговото апсење и обвинение имаат други цели кои властите треба веднаш да ги објаснат.
„Апелираме за итно и безусловно пуштање на Кежаровски, бидејќи тој е затворен врз основа на невистинита причина. Неговото апсење и обвинение имаат други цели кои властите треба веднаш да ги објаснат“, стои во соопштението на „Репортери без граници“.

За преседанот со апсење и притворање на новинар за објавен текст, реагираше и ОБСЕ. Претставникот за слободата на медиумите во оваа организација, Дуња Мијатовиќ, притворањето на новинарот Кежаровски го оцени како прекумерна мерка на македонските власти.

„Задржувањето на новинар во Скопје за една статија објавена пред неколку години е претерана и негативно влијае на слободата на медиумите“, ја пренесоа медиумите изјавата на Мијатовиќ, според која „на новинарите мора да им биде дозволено истражувачкото новинарство за прашања од јавен интерес, ослободени од закана со затвор и без принуда да ги откријат своите извори“.

Петиција за ослободување на притворениот новинар Томислав Кежаровски потпишуваа во петокот и претставниците на Здружението на новинарите на Македонија, на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и на спонтано собраните новинари од разни редакции, кои пред Кривичниот суд во Скопје мирно протестираа против апсењето, притворањето и одредувањето 30-дневен притвор на нивниот колега. Со транспаренти „Нема правда, нема мир!“, „Кој е следниот за ликвидација?“ и „Слобода за Кежо!“, со свирчиња и куси излагања на неколкумина од демонстрантите, беше побарано итно ослободување на новинарот, уапсен од маскирани специјалци на МВР во акцијата со контроверзно име „Ликвидација“.

Апсењето на колегата во неговиот дом, пред очите на малолетната ќерка, за објавен текст (прв ваков пример во Македонија!) од пред полни пет години, во двонеделник што одамна не постои, дел од новинарите на протестот го осудија како „брутална демонстрација на сила, ди­рек­тен удар врз слобод­но­то но­ви­нар­ство и обид за застрашување и замолчување на медиумите“. Тие сметаат и дека самиот случај на наводното, нарачано и платено убиство во селото Ореше е крајно сомнителен затоа што според изјавата за медиумите на адвокатот на обвинетите лица кои беа ослободени на судењето, „заштитениот сведок“ за кого пишувал Кежаровски во 2008-ма, таквиот статус, според сопственото признание дадено на суд, го стекнал две години подоцна.

Новинарот Кежаровски не разоткрил идентитет на заштитен сведок, туку открил крупна афера која допрва треба да се истражува.
Според изјавата на Зоран Димитровски, главен и одговорен уредник на весникот„Нова Македонија“, во чија рубрика „Црна хроника“ работи приведениот новинар, не постои ниеден правен основ новинарот да биде уапсен, зашто, кога Кежаровски пишувал за заштитениот сведок, тоа лице воопшто не било „формално правно заштитен сведок, туку лице на издржување на затворска казна, кое полицијата го врбувала за лажно сведочење“. Затоа, Димитровски смета дека новинарот Кежаровски не разоткрил идентитет на заштитен сведок, туку открил крупна афера која допрва треба да се истражува.

По предавањето на новинарската петиција за ослободување на Кежаровски, Основниот суд Скопје 1 ја информираше јавноста дека „судот има целосно разбирање за денешниот простест, особено поради фактот што еден од обвинетите во кривичната постапка која се води пред овој суд е новинар“. Судот, соопшти и дека ќе продолжи да постапува „согласно Законот како и во сите досегашни постапки, за што јавноста ќе биде благовремено информирана, во мерка во која нема да се нанесе штета на текот на постапката“.
XS
SM
MD
LG