Линкови за пристапност

Нема кривична постапка за несреќата на македонските мировници

  • Синиша Станковиќ
  • известувач Скопје

Нема кривична постапка за несреќата на македонските мировници

Нема кривична постапка за несреќата на македонските мировници

Обвинителството ги прогласи пилотите за одговорни за несреќата на хеликоптерот и заклучи дека биле неспособни за управување во сложени временски услови

И покрај сите очекувања на јавноста, обвинителството нема да покрене постапка против службени лица за командна одговорност.

Државниот обвинител Љупчо Шврговски, денес соопшти дека Јавното обвинителство нема да поведе кривична постапка за хеликоптерската несреќа од 12 јануари 2008-ма, кога загинаа 11 мировници од Армијата на Република Македонија, на враќање од мировната мисија АЛТЕА во Босна, откако нивниот хеликоптер МИ-17 се урна на ридот кај Блаце, катлановско, во близина на Скопје.

Според јавниот обвинител, армискиот хеликоптер се урнал поради неспособноста на пилотите за управување со него во сложени временски услови. Ваквата одлука Обвинителството ја темели и врз извештајот на британскиот воздухопловен експерт Едвард Пули. И самиот Пули во својот извештај констатирал одредени пропусти кај контролата на летање и кај командантот во Босна кој ја издал дозволата за летање кон Македонија во лоши метеоролошки услови, но според него, и македонскиот обвинител, тие немале директна врска со уривањето на хеликоптерот.

Иако македонската јавност и пред се`семејствата и пријателите на 11-те загинати мирнвници веќе четири години ја очекуваа разврската на бавната истрага, денешната одлука на Обвинителство да не покрене кривична одговорност против ниту едно лице, е своевидно изненадување. Затоа и беше жестока реакцијата на присутните роднини на загинатите војници, кои никој не ги поканил на прес-конференцијата и кои по нејзиното завршување, побараа командна одговорност на лицата кои необучените пилоти испратиле на таква задача.

Според дел од роднините, одлуката на Обвинителството е срамна и тие потенцираа дека ќе продолжат со борбата да се дојде до вистината и пред меѓународните судови. Присутните роднини го испратија обвинителот со извици на негодување кој не дозволи ниту новинарите да поставуваат прашања за контроверзната одлука.

Дел од роднините во изјавите за медиумите тврдеа и дека покрај двата извештаи за несреќата, наводно постои и трет, кој според нив ја лоцира вината кај лица со командна одговорност.

„Ова е срамота. Ова е срамота за необученост на пилотите, некој треба да поднесе кривична одговорност, некој требал да плати за да ги обучат. Четири години чекавме за ова, што ги изгубивме најмилите...“, изјави за медиумите една од роднините на загинатите мировници.

Иако на мировниците по шест месеци од трагичниот крај на нивната мисија им беше поставен споменик во касарната во Петровац, како „израз на почит кон херои кои на најдобар начин ја афирмирале и презентирале државата вон границите на Македонија“, и по денешната одлука на Обвинителството, по речиси четири години, причините за несреќата се` уште се нејасни за македонската јавност. Веднаш по несреќата, во јануари 2008-та, македонските медиуми цитираа неименувани експерти, кои тогаш тврдеа дека маглата и намалената видливост не требало да бидат проблем за слетување на хеликоптерот, а еден од најпознатите балкански воени аналитичари, Мирослав Лазански, во медиумите излезе со став дека се малку веројатни технички дефекти на модернизираниот хеликоптер кој ја имал најсовременета опрема, како и евентуалните грешки на пилотите, кои според него, биле квалитетен кадар и со солиден фонд на часови летање.

XS
SM
MD
LG