Линкови за пристапност

Скопје – Белград виа Ниш!

  • Соња Трајковска
  • за Скопје

Скопје – Белград виа Ниш!

Скопје – Белград виа Ниш!

Македонската репрезентација, носена од гломогласните навивачи, оди понатаму на Европското ракометно првенство.

Скопје - Белград виа Ниш! Македoнскиот ракометен национален тим успеа да го фати последниот воз и, со победата над екипата на Чешката Република, да влезе во второто коло на Европското ракометно првенство во Србија. Со тоа ракометарите го остварија своето ветување дека ќе заминат на завршниот дел од првенството во Белград.

Сега и репрезентацијата, и навивачите кои во огромен број - над 4.000 - ги бодреа во Ниш изминатата недела, очекуваат многу повеќе. И додека репрезентативците се подготвуваат за Белград, навивачите, и оние од Ниш, и од цела Македонија, ги пакуваа навивачките реквизити, бараат карта повеќе и резервираат престој во српската престолнина.

Ниш сите денови од почетокот на првенството беше обоен во црвено- жолто националните бои на Македонија и пулсираше во ритамот што го наметнуваа македонските навивачи – навивачки и патриотски песни се слушаа од сите кафеани, а најмногу од фан-клубот каде се слеваше жолто - црвена река. Ниту една од репрезентациите кои го почувствуваа навивањето на популарно наречената фаланга не останаа рамнодушни- сите сакаа ваква публика да биде нивен осми играч на теренот.

Навивачката песна „Излези момче“, која стана популарна на Европското првенсто во кошарка во Литванија ова лето и заштитен знак на македонските кошаркари, беше предизвик и за малкумината навивачи од Шведска на пример, кои по натпреварот меѓу македонската и шведската репрезентација, заедно со македонските колеги ја пееја во еден глас. Не залудно, српските медиуми овие денови осамнуваа со фотографии на салата Чаир во Ниш преплавена со македонски знамиња, со наслов - Македонците „домаќини“ на европското првенство во Србија.

Организаторот на првенството, Еврпопската ракометна федерација со пофалби до најбројните навивачи – нејзините мерења покажаа дека вчера во нишката сала ечеле 100 децибели! А, ракометарите, им се оддолжија со долгоочекуваната победа.

„Овој тим покажа огромна зрелост на последните три натпревари и нашите идни противници никако не се непобедливи за нас. Со помош на публиката која не бодреше во Ниш, во Белград ќе се стремиме кон највисок пласман“, изјави капитенот Кире Лазаров веднаш по натпреварот.

„Од навивачите сум презадоволен, мислам дека во Македонија да игравме немаше да имаме толкава поддршка. Голем поздрав и до навивачите кои не бодреа од Македонија и од се` срце ни даваа поддршка“, изјави селекторот Ѕвонко Шундовски по натпреварот со Чешка.

Долго во ноќта во Ниш се славеше победата. И ракометарите им се придужија на своите навивачи. Меѓу присутните во фан-зоната во Ниш во македонски дрес се појави и поранешниот амбасадор на САД во Македонија, сега заменик помошник на државниот секретар Филип Рикер. И тој не оддолеа на „Излези момче“, па ја запеа заедно со присутните.. Вели, од почетокот било јасно за кого навива.

„Научив за ракометот најпрвин во Будимпешта кога бев американски амбасадор таму. Кога се преселив во Скопје како американски амбасадор, заедно со сопругата почнавме да одиме на натпревари и многу се спријателивме со играчите од тимот.

Почнавме да го сакаме многу спортот. Ова е меч меѓу Македонија и Чешка. Јас во Стејт департментот сум задолжен за Балканот, затоа морам да навивам за Македонија“, рече Рикер.

Српската полиција соопшти дека шестмина македонски навивачи биле приведени, оценувајќи дека сепак се работи за мал инцидент. А, во Македонија, победата од Ниш за момент ја врати атмосферата од пред четири месеци, кога заедно се славеа подвизите на македонските кошаркари. Единствена разлика овојпат е исклучително ладното време, што не дозволува масовно следење на натпреварите надвор. Но, ни тоа не беше пречка за неколку стотини луѓе да се собрат на плоштадот во Скопје, а реки возила со развиорени знамиња и сирени да ја го одбележат успехот на новите спортски херои. Очекувањата остануваа исти- ракометарите да одат уште понатаму, во битката и за медал. Еуфоријата продолжува, не само во Македонија, туку и во Белград. Веќе е тешко да се најде билет за натпреварите на макеоднската репрезентација - ги нема ниту на билетарите, ниту на Интернет-продажба. Македонски железници од утре до 25-ти овој месец најавија вонредни возови на релација Скопје - Белград. Се споменувата и опции за бесплатни конвои автобуси, бидејќи се очекува околу 10.000 навивачи од утре да го окупираат Белград.

XS
SM
MD
LG