Линкови за пристапност

Програма на градските власти ги претвора нашараните ѕидови во уметност, штеди пари и им дава шанса на младите

Графитите се престап во повеќето поголеми американски градови, меѓу нив и Вашингтон. Ѕидовите, особено во соседствата кадешто живеат оние со пониски примања, напати го носат овој можеби уметнички, но противзаконски израз.

Властите во главниот американски град на иновативен начин се обидоа да го решат проблемот со графитите. Програмата „МуралсДЦ“ ангажира локални уметници да го разубават, наместо да го нагрдат Вашингтон.

Ерик Рикс е еден од оние што порано скришно сликал по ѕидовите. Сега градот му плаќа да држи работилници за млади уметници.

Да се даде назад на заедницата

„Тоа е една од работите што сакам да ги споделувам. Да видам како младите со иста пасија како мене пристапуваат кон цртањето на мурали“, раскажува Рикс.

Десетина млади уметници неодамна се собраа во работилница во Вашингтон. Мишел Чен беше една од нив. Вели, за боењето на ѕидот со спрејови најпрвин мислела дека е мошне груба техника, но била воодушевена кога видела што уметниците како Рикс може да сторат со нив.

По 10-неделна обука, повеќето од нив, заедно со Рикс, направиле мурал во северниот дел на градот, на ѕид претходно покриен со графити.

Тимска работа

Рикс го скицирал муралот, а младите уметници му помогнале да го обои. Муралот бил готов за седум дена. Во позадината се форми налик на облаци, а во преден план - ќерката на Рикс.

„Ова, буквално, е мојот живот и го споделувам со мојата заедница“, ни се доверува тој.

И Ернесто Зелаја како Рикс своевремно скришно сликал по ѕидовите, но сега е најмен од градот да прави мурали.

„Убаво е кога не мора да се кријам за слободно да се изразам“, вели Зелаја.

Најновиот мурал на Рикс е еден од 50-те што градот ги нарачал од почетокот на програмата во 2007-ма.

Аниекан Удофиа е познат муралист во Вашингтон, што тука дошол од Нигерија. Неодамна го завршил својот осми проект за градот. Одржал повеќе работилници за младите.

„Графитите во основа се култура на младоста; едно од оние бунтовни нешта, па и обид за вандализам. Јас им помагам на младите да не го чуваат гневот во себе, туку да го изразат на поконструктивен начин. Наместо да нагрдуваат недвижнини, им овозможуваме да соработуваат со уметници како мене и не само што ќе бидат платени, туку и пофалени“, вели Удофиа.

Во служба на заедницата

Муралите ги финансира Одделот за јавни служби на Градот Вашингтон.

„`МуралсДЦ` е програма што штеди пари“, вели Ненси Лајонс, координаторка на програмата. „Заштеди многу пари на сопствениците на бизниси, особено малите. Ја крена свеста за графитите и муралите во градот и им возможи на младите луѓе да ја изразат својата креативност“.

Сарбџит Синг Кочар е сопственик на продавница во Вашингтон, на чиј ѕид Рикс направил мурал.

„Мислам дека е прекрасно, чиста зграда, убава уметност, сите се среќни“, со насмевка вели Кочар.

„Овој проект ми е драг. На секоја заедница и`е потребна емпатија, љубов, пасија, бидејќи без тоа нема ништо“, вели Рикс.

Токму тие зборови се испишани на муралот што самиот го нацртал. Има идеја да патува низ Америка и да направи мурали - во секоја од сојузните држави.

XS
SM
MD
LG