Линкови за пристапност

Македонија на 120-то место, „делумно слободна“


На листата од 197 земји, според најновото рангирање во слободата на медиумите на Фридом хаус.

Македонија продолжи да тоне на ранг-листата за слобода на медиумите што секоја година ја подготвува една од водечките организации за човекови права, Фридом хаус. Означена како “делумно слободна“, со рејтинг од 56 на скалата од 1 до 100 на која повисокиот износ индицира полош учинок, таа го дели 120-тото место со Конго, Фиџи, Либерија, Сејшелските Острови и Турција на листата од 197 земји. Лани, со рејтинг 54, го делеше 115-тото место со Молдова.

Подобро од Македонија стојат сите балкански земји.

Процентот на луѓето кои живеат во општества со целосна слобода на Седмата сила паднал на најниско ниво во една деценија и повеќе
Фридом хаус
Гледано глобално, во 63 земји постои слобода на медиумите, во 70 таа постои, но делумно, а ја нема во 64. Правејќи споредба со извештите од претходните години, Фридом хаус наведува дека процентот на луѓето кои живеат во општества со целосна слобода на Седмата сила паднал на најниско ниво во една деценија и повеќе.

Организацијата како загрижувачки трендови ги наведува ограничувањето на медиумските слободи во од војна растргнатата Мали, значителното влошување во контекст на економската криза во Грција, која падна во категоријата делумно слободни земји, и натамошното стегање на контролата врз медиумите во Латинска Америка, каде Еквадор и Парагвај паднаа во категоријата земји без слобода на медиумите.

Најдобро рангирани земји се Норвешка и Шведска, кои го делат првото место, а Белгија, Финска и Холандија го делат третото. САД се на 23-тото, заедно со Барбадос, Костарика и Јамајка.

На самото дното се Северна Кореја и Туркменистан.
XS
SM
MD
LG