Линкови за пристапност

Какви се евроатлантските перспективи на Македонија?


Делови од интервјуата на Гласот на Америка со аналитичарите Едвард Џозеф и Даниел Сервер за рефлексиите од влезот на Хрватска во ЕУ

Во одвоени интервјуа, Гласот на Америка на српски јазик разговараше со аналитичарите Едвард Џозеф и Даниел Сервер за рефлексиите од влезот на Хрватска во ЕУ.

Говорејќи конкретно за евроатлантските перспективи на Македонија, Џозеф кажа дека една консеквенца на одложувањето на македонската интеграција би била фрустрацијата кај албанското малцинство, кое, вели, спорот за името го гледа како пречка за побрзо зачленување во ЕУ и НАТО.

Овој аналитичар од Центарот за трансатлантски односи при Универзитет Џонс Хопкинс во Вашингтон вака ги елаборира и другите аспекти:

Проблемот е комплициран, како што е секогаш со Атина, затоа што никогаш не е добро време за решение.
„Членството во НАТО е готова работа штом ќе се реши спорот со Грција. Проблемот е комплициран, како што е секогаш со Атина, затоа што никогаш не е добро време за решение. Или владата во Атина е силна, или пак земјата е на раб на избори и не треба да се притиска, или - како што е сега - се наоѓа во криза. Секогаш има изговор, причина. За жал, тоа ја остава Македонија без добар пат, освен доколку не најде начин со медијаторот за некакво решение“.

Даниел Сервер од Катедрата за постдипломски меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, пак, во моментов не гледа решение за спорот со името и вели дека е тешко да се предвиди како ќе биде решен:

Би сакал да ја видам Македонија во НАТО, дури и со нерешено прашање за името, а да се приклучи на ЕУ само кога ќе го реши
„Македонија би требало да стане членка на НАТО под референцата - поранешна југословенска република Македонија, како што и` се наведува во Привремената спогодба и верувам дека треба да биде направено. Би сакал да можам да ја убедам мојата влада во тоа, која мислам дека истото и би го дозволила, но проблемот е дека треба да стори повеќе од тоа - треба да ги убеди Грците да го дозволат истото. Би сакал да ја видам Македонија во НАТО, дури и со нерешено прашање за името, а да се приклучи на ЕУ само кога ќе го реши. Ова јасно го разбираат сите македонски политичари, дека нема влез во ЕУ без решение за името“, вели овој поранешен аналитичар на Американскиот институт за мир.
XS
SM
MD
LG